Меѓународната коалиција, под команда на САД, во воздушните напади во Ирак убила повеќе од 8.500 борци на Исламска држава од август минатата година, изјави денеска началникот на Централната команда на американските Вооружени сили, генералот Лојд Остин.
Остин изјави дека не само што се убиени најмалку 8.500 борци на ИД во воздушните напади на коалициските сили од почетокот на акцијата во Ирак, туку се уништени и стотици нивни возила, тенкови и тешко вооружување.
Со воздушните напади исто така е намалена способноста на ИД да врши напади врз рафинерии и собирни нафтени пунктови, особено во соседна Сирија.
Остин изјави дека ИД, која контролира клучни делови од северен и западен Ирак од минатото лето, не е повеќе во состојба да заземе и држи нови територии.
– Факт е дека тие повеќе не можат да го прават тоа што го правеа на почетокот, а тоа е да заземаат и контролираат нови територии, нагласи американскиот генерал во обраќањето пред Одборот за вооружени сили на Претставничкиот дом.