Кај повеќе од 80 лица, меѓу кои има деца и постари луѓе во едно оддалечено село во западна Камбоџа, потврдено е присуство на ХИВ, соопштија здравствените власти, а причината за заразата би можеле да бидат контаминирани игли.
Стотина жители на селото во провинцијата Батамбанг во паника се упатија во здравствениот центар за да се тестираат, откако минатата недела се појавија вести за масовната зараза, а досега се регистрирани 82 случаи.
Генералниот секретар на Националното тело за сида, Тенг Кунти изјави дека досега се тестирани 556 лица и оти се заразени 82, од кои 14 се деца.
Кунти истакна дека причината за заразата би можеле да бидат користени контаминирани игли, но додаде дека тоа е прелиминарен заклучок и оти се работи на собирање уште докази.