Муслиманските затвореници во Англија се несразмерно изложени на сила, вклучително и техники за предизвикување болка, „тврдат“ од добротворната организација Маслаха која анализирала девет затвори каде е затворено голема муслиманска популација.
Податоците покажуваат дека во осум од девет такви затвори, персоналот покажал поголема склоност да ги тепаат мажите со палки, да им ставаат премногу цврсти лисици или да ги држат во болни пози.
Добротворната организација, исто така, побарала статистика за употреба на техники кои предизвикуваат болка, како што се флексија на палецот, флексија на зглобот и „аголот на мандибулата“ – притисок врз нервот под увото, пренесува The Guardian.
Во Белмарш, затвор во југоисточен Лондон во кој често се наоѓаат осомничени за тероризам, муслиманските затвореници сочинуваа 32 отсто од вкупната популација на затвореници во 2023 година.
Во истиот период, 43 отсто од инцидентите со врзување со лисици вклучувале затвореници муслимани, а персоналот користел техники за предизвикување болка врз нив во 61 отсто од случаите, тврдат од Маслаха.
Во затворот Фелтам во западен Лондон, муслиманските затвореници сочинуваат 42 отсто од населението, а во 57 отсто од случаите кога персоналот користел палки и 64 отсто од случаите кога биле користени техники за предизвикување болка, тоа било направено врз нив.
Марк Ферхерст, национален претседател на Здружението на затворски службеници, не се согласува со тоа толкување на податоците.
„Персоналот користи сила само во екстремни случаи кога е неопходно и, кога се користи, таа е секогаш пропорционална и разумна“, рече тој.
Податоците на Министерството за правда во Лондон покажуваат дека во септември минатата година имало 15.594 муслимански затвореници во Англија и Велс, што сочинува 18 отсто од сите затвореници, иако муслиманите сочинуваат само 6,5 отсто од населението.