Тони Бартлет (39) од Аксминстер, Девон (Англија) е прогласен за виновен за убиството на својот четиринеделен син Атикус, кого насилно го тресел.
На судењето во Кралскиот суд во Бристол беше речено дека Тони Бартлет му нанел тешки повреди на својот син кога насилно го тресел во семејниот дом во Чард, пренесе „Мирор“.
Судот слушна дека Атикус претрпел тешки внатрешни повреди на мозокот и ‘рбетниот мозок за време на инцидентот што се случил на 16 јули 2022 година, од кои почина во болница седум дена подоцна.
Dad ‘lost temper’ after drinking 8 pints – now his four-week-old baby is deadhttps://t.co/Tv5hRTc5hK pic.twitter.com/aFiIZecWnS
— The Mirror (@DailyMirror) July 8, 2026
Бебето имаше и три скршеници на ребрата, за кои на судот му беше кажано дека не може да настанат за време на обидите за реанимација.
По четиринеделно судење во Кралскиот суд во Бристол, поротата го прогласи за виновен за убиство, а пресудата за казната ќе биде изречена подоцна овој месец.
Бартлет, кој работи како поштар, ги негираше обвиненијата за убиство со умисла. Кога беше прочитана пресудата, тој се фати за главата, се наведна и заплака.
Неговата екс партнерка и мајка на Атикус – Евелин Балентин, првично беше уапсена, но подоцна во текот на постапката доби статус на сведок.
Против неа не беа поднесени кривични пријави и таа сведочеше на судењето на Бартлет.
Поротата слушна дека таа вечер Бартлет и семејството на партнерката отишле во паб на нивното прво заедничко излегување по раѓањето на Атикус.
Мајката на Евелин Балентајн – Рејчел Донован, и нејзиниот сопруг Ендру дошле во семејниот дом во Чард за да го чуваат бебето.
Во текот на вечерта, Бартлет испил осум пива, по што, нешто пред 23 часот, тој и Балентајн се вратиле дома.
Обвинителот Чарлс Роу ѝ рече на поротата дека „губењето контрола и фрустрацијата“ на Бартлет речиси сигурно се „поттикнати“ од фактот што тој испил осум пива.
„Бартлет не може да си признае себеси дека, додека бил пијан, во момент на чисто насилство направил нешто за кое ќе жали до крајот на животот“, рече обвинителот.
Евелин Балентајн се качила на катот за да ја избрише шминката, оставајќи го Бартлет со Атикус на каучот во приземјето.
На судењето беше кажано дека хранењето на Атикус било тешко и понекогаш можело да трае и до еден час.
Таа вечер, тој бавно го пиел млекото. Кога Евелин Балентајн се вратила долу неколку минути подоцна, таа рекла дека слушнала како четиринеделното бебе – кое сè уште било во скутот на Бартлет – „зема две големи голтки, како да се обидува да земе здив, но не може“.
Таа го зела бебето во раце, но му кажала на судот дека нејзиниот син „целосно се опуштил“ и посивел. Се обидела да го протресе бидејќи „не дишел“ и сакала да го „разбуди“.
Поротата слушна дека таа почнала да вреска и му го вратила бебето на Бартлет додека се обидувала да побара помош од соседите. Таа се јавила на бројот за итни случаи и му кажала на операторот дека од носот на бебето излегуваат пенаста материја и млеко. Рекла: „Моето бебе не дише, ве молам, дојдете“.
Судски вештак изјави дека повредите на Атикус биле од таков вид што обично се здобиваат при „сообраќајни несреќи со голема брзина или падови од високи згради“.
Педијатрискиот неврохирург Амедео Калисто, кој ги прегледал повредите на бебето, додаде дека четиринеделното бебе претрпело „тешка повреда на главата“, при што вените на темето биле „истегнати и скинати“.
Во полицискиот разговор, два дена по инцидентот, Бартлет рече дека му дал шише со млеко на Атикус кога неговата партнерка се качила на катот, но дека бебето одбивало да пие. Тој додаде дека го „триел и тапкал“ Атикус и го нишал на коленото, но мислел дека бебето има гасови.
