Во тешка сообраќајна несреќа во Тиссајд (Англија) загинаа седум лица, вклучувајќи двајца полицајци и петмина млади луѓе, од кои најмладиот имал 16 години.
Трагедијата се случила кога автомобилот – за кој постои сомнеж дека имал лажни регистарски таблички – се движел во спротивна насока на патот А66 и директно се судрил со полициско возило, пишува „Гардијан“.
Во несреќата, што се случила вчера рано наутро во близина на Мидлсбро, загинаа 16-годишниот Кол Роберт Ворти, 17-годишниот Тео Реј, 18-годишниот Макаи Садингтон и 23-годишните Мајкл Роберт Кахил и Џејкоб Матусијак.
Тие се наоѓале во автомобил „Фолксваген пасат“ што се судрил со полициското возило.
Загинаа и полицајците од Кливленд, 37-годишниот Метју Блејдс и 38-годишниот Том Клаф, кои се движеле во својата лента.
Според нив, полицијата го следела возилото „Пасат“ нешто помалку од седум минути. Потерата била прекината кога автомобилот свртел на патот А66 и продолжил да вози во спротивна насока. „
Приближно 10 секунди подоцна, ’Пасатот’ се судрил со друго полициско возило. Тоа возило не учествувало во потерата, туку се наоѓало во близина за да помогне во потрагата.
Се верува дека ’Пасатот’ имал лажни регистарски таблички, регистрирани од системот за автоматско препознавање на регистарски таблички (ANPR)“, објаснија од IOPC. Дерик Кембел, директорот за односи со јавноста на IOPC, изрази сочувство. „Нашите мисли се и понатаму со семејствата, пријателите и сите погодени од вчерашната несреќа.
Премиерот на Велика Британија изјави дека е потресен од веста за смртта на двајца полицајци на должност и петмина граѓани.
„Моите мисли се со семејствата и најблиските на сите жртви, како и со сите вработени во полицијата во Кливленд. Им благодарам на службите за итни интервенции кои постапија во исклучително тешки околности. Ја повикувам јавноста да се воздржи од шпекулации во овој момент“, рече тој.
