Маск најави намалување на својата улога во администрацијата на Трамп

Од:

Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, најави дека ќе ја намали својата улога во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, особено како дел од иницијативата на Министерството за владина ефикасност (DOGE), откако профитот и приходите на Тесла се намалија во првиот квартал од 2025 година.

Тесла вчера објави пад на приходите од 20 отсто во автомобилската индустрија, додека профитот падна за повеќе од 70 отсто во споредба со истиот период минатата година, јавува Би-Би-Си.

Компанијата ги предупреди инвеститорите дека падот може да продолжи, истакнувајќи дека „промената на политичкото расположение“ може негативно да влијае на побарувачката за нејзините производи.

Маск призна дека неговите политички ангажмани, вклучително и неговата улога во администрацијата на Трамп, му го оддалечиле вниманието од Тесла, што резултирало со пад на перформансите на компанијата.

Маск претходно инвестираше повеќе од четвртина милијарда долари во кампањата за реизбор на Трамп и го презеде водството во иницијативата за намалување на федералните трошоци и намалување на бројот на државни службеници.

Тој рече дека неговата вклученост во иницијативата ДОГЕ „значително ќе се намали“ почнувајќи од следниот месец и дека ќе се фокусира на државните прашања само еднаш или двапати неделно, „додека е корисно“ и „колку што сака претседателот“.

Тесла објави приход од 19,3 милијарди долари во првиот квартал, што е за 9 отсто помалку од истиот период минатата година и под очекувањата на аналитичарите.

Компанијата ги намали цените на своите автомобили за да привлече купувачи, но негативно влијание имаа и царините на Трамп за Кина.

Тесла посочи дека „брзо менување на трговските политики“ може дополнително да ги зголеми трошоците и да го наруши синџирот на снабдување.

Акциите на Тесла изгубија околу 37 отсто од својата вредност оваа година.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Нови американски санкции за земјите што соработуваат со Русија

ВИДЕО: Трамп се предомисли, сега вели републиканците да гласаат за објавување на „документите Епстин“

Трамп донесе одлука: Ќе има акција во Венецуела

Трамп повторно го помилува Ден Вилсон, учесник во немирите во Капитол во 2021 година

Ушаков: Русија и САД водат дијалог за Украина врз основа на договорот од Анкориџ

Конгресменката Марџори Тејлор Грин тврди дека добила закани поради судир со Трамп