Мас: Германија нема да го промени ставот за „Северен тек 2“

Од:

Берлин не планира да се повлече во спорот со САД околу гасоводот „Северен тек 2“, изјави за ДПА германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

-Не треба да зборуваме за европски суверенитет доколку тоа значи дека се што правиме во иднина ќе биде како што ќе сака Вашингтон, рече Мас во пресрет на инаугурацијата на Џо Бајден, кој на 20 јануари ќе го преземе претседателскиот мандат од Доналд Трамп.

Берлин сака нов почеток во односите со Вашингтон во ерата на Бајден, откако дојде до нивно влошување за време на мандатот на Трамп, пишува германска ДПА. Но, како што Мас додаде, и натаму ќе има спорни точки.

-Германската Влада нема да го смени ставот за „Северен тек 2“. Важно е дека сме во согласност со централните стратешки и геополитички прашања, дека сме на иста страна, рече Мас.

ДПА додава дека со инаугурацијата на Бајден не се очекува промена во американската политика и дека новизбраниот претседател, демократот Бајден, како и републиканецот Трамп, го отфрлаат проектот за гасоводот.

„Северен тек 2“ треба да донесе руски гас директно во Германија, најголемата економија во Европската унија, преку рутата под Балтичко Море.

САД оценија дека гасоводот претставува закана за безбедноста на сојузниците на НАТО во ЕУ поради зголемената зависност од руската енергија и затоа се заканија со нови санкции.

Оние кои го поддржуваат проектот „Северен тек 2“ ги обвинуваат САД дека само сакаат да бидат во позиција подобро да го продаваат сопствениот гас во Европа.

Би можело да ве интересира

Стејт департмент: Ескобар не е сменет, ќе добие нова функција во рамките на редовната ротација

Четворица тинејџери под истрага за нападот на германскиот пратеник Матијас Еке

САД: Судири на пропалестински протести, приведени околу 300 студенти

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер го погоди Лос Анџелес

(ВИДЕО) Полицијата во САД усмрти ученик пред училиште откако доби информација дека има пиштол

Хамас: САД вршат притисок да го прифатиме договорот со Израел

А1он