Либанската армија пред десет дена ги уапси сопругата и едната од ќерките на лидерот на џихадистичката група Исламска држава Абу Бакр ал Багдади, изјави неименуван висок претставник на либанските безбедносни сили.
Претходно денеска беше соопштено дека е уапсен еден од синовите на Ал Багдиди.
Сопругата и ќерката на Ал Багдади биле уапсени кога се обиделе да ја поминат сириската граница во близина на либанскиот сунитски град Арсал. Жената имала фалсификувана лична карта. Имињата на уапсените не се соопштуваат, само дека жената има сириско државјанство, а девојчето има осум или девет години. Девојчето е подложено на ДНК тест за да се утврди дали ал Багдади и е татко.
Не е познато колку сопруги има Ал Багдади.
Либанскиот весник „Ас Сафир“ објави дека сопругата и ќерката на Ал Багдади се уапсени во координација со странска разузнавачка служба.
Претставникот на либанската армија наведе дека сопругата и ќерката на Ал Багдади можат да помогнат во преговорите за ослободување на либанските војници кои беа киднапирани од ИД во август.