Дилек Ертек (71), позната турска богаташка и златар, претставничка и сопственичка на империјата на скапиот накит „Тифани“ во Турција, почина на 26 октомври на крстарење на многу бизарен начин, а се уште нема решение.
Таа починала паѓајќи од брод за крстарење кај Тахити.
Турскиот весник „Сабах“ напиша дека нејзиното семејство побарало од полицијата да го истражи нејзиниот швајцарски љубовник, со кој отишла на луксузно крстарење.
Нејзиниот син Гокче Атук за британскиот „Дејли Меил“ изјави дека е чудно што скапиот накит исчезнал од сефот во кабината каде што била сместена неговата мајка на бродот, а уште почудно е што нејзиниот љубовник 20 часа подоцна пријавил дека исчезнала.
И форензичарите биле збунети бидејќи не им било јасно како ситна жена висока 157 сантиметри успеала да падне преку еден метар висока ограда.
Во меѓувреме, потрагата по неа е прекината бидејќи тешко дека по толку денови нејзиното тело воопшто би можело да се најде.
Екипажот на бродот го држеше 74-годишниот партнер под надзор во посебна кабина пред да се закотви на Тахити три дена подоцна. Тој, наводно, бил испрашуван од полицијата на Тахити пред да биде ослободен поради недостиг на докази, па тој се вратил во родната Швајцарија.
Ертек се качи на бродот на 24 октомври на островот Папете во Француска Полинезија, за да го прослави својот роденден на 5 ноември во Бора Бора, мал остров во јужниот дел на Пацификот. Крстарењето требаше да заврши во Хонолулу, Хаваи.