Познатиот британски актер, комичар и патеписец од шкотско потекло, Били Коноли, најотворено досега се спротивстави на раскинувањето на 307 години старата Унија меѓу Шкотска и Англија.
– Не смее никогаш да се заборави дека токму Англичаните ја спасија Шкотска од банкрот, изјави Коноли (71) во интервју за „Радио Тајмс“. Тоа, според него, е најсилниот индикатор зашто треба да се биде против шкотската независност и отцепувањето.
Коноли потсетува на времето од пред создавањето на Унијата во 1707 година, кога Шкотланѓаните десетина години пред тоа не успеаја својата земја да ја направат светска сила со создавањето на своја колонија во Панама. Тој обид се покажа целосно промашување и премногу амбициозен, па предизвика, голем број благородници и земјопоседници во Шкотска да бидат целосно финансиски уништени.
Само подоцнежното создавање на Унијата, откако Англичаните се отворија кон Шкотланѓаните, овозможувајќи им слободен пристап до англиските пазари во Америка, од каде тие претходно се повлекоа, ја спаси земјата од целосен банкрот, наведива Коноли.
– Ова не би смеело никогаш да се заборави, а Унијата не смее да се растури како што тоа го прави Алекс Салмонд, (прв министер на Шкотска и лидер на сепаратистичката Шкотска национална партија), вели Коноли во интервјуто.
Тој, сепак, не се изјаснува како би гласал доколку би се појавил на референдумот од 18 септември оваа година. Коноли и не крие дека не верува премногу во шкотско-англиската Унија, но вели дека е длабоко резревиран кон патриотизмот, на што сега во Шкотска посебно се инсистира.
– Во такви ситуации луѓето само следат една толпа, а јас не сакам да сум дел од тоа, вели актерот, кој признава дека му пречи што „некои луѓе“ упорно ја нарекуваат Велика Британија само „Англија“.
Коноли не крие дека очекува да биде означен со разни погрдни имиња поради ова интервју, како што по социјалните мрежи и на трибините за отцепување во Шкотска беа навредувани Дејвид Боуви, Еди Изард или познатиот британски ТВ водител Ендрју Мар, по неговото интервју со Салмонд.