Компанијата „Доминион“ го тужи Џулијани за 1,3 милијарди долари поради тврдењата за изборна измама

Од:

Компанијата „Доминион воутинг системс“ го тужи Руди Џулијани, личен адвокат на поранешниот претседател Доналд Трамп, поради нарушен углед по тврдењата дека компанијата ги манипулирала претседателските избори, јави Волстрит журнал.

Во тужбата, поднесена денеска во Окружниот суд на САД за округот Колумбија, компанијата бара оштета во висина од повеќе од 1,3 милијарди долари.

Во неа се вели дека Џулијани и соработници ширеле обвиненија против „Доминион“ „што очигледно се проширија насекаде и ставија во заблуда милиони луѓе да веруваат дека Доминион ги украла нивните гласови и ги наместила изборите“.

Џулијани сè уште нема коментaр за тужбата.

„Доминион“, лоцирана во Денвер, Тексас, е производител на гласачки машини и друга опрема за избори употребена од повеќе од 40 отсто од американските гласачи.

Веднаш по изборите лани на 3 ноември, компанијата стана објект на лавина од напади и неосновани тврдења дека ги фалсификувала претседателските избори, со што, како што оттаму објаснуваат, се оштетил нејзиниот углед, а тоа водело и до смртни закани до нејзините вработени.

Џулијани ги координираше и водеше напорите на претседателот Трамп за поништување на изборните резултати во многу сојузни држави и беше еден од најистакнатите промотори на нападите врз „Доминион“, во ноември, декември и јануари, откако се потврди дека Трамп ги изгуби изборите.

Весникот наведува твит од Џулијани од 11 ноември во кој тој прашува за потеклото на компанијата.

-Чудно што е избрана странска компанија да ги брои гласовите во САД. Нешто не е во ред со ова, напиша тогаш тој.

Компанијата потоа објасни дека таа била оформена во Канада, но ги префрлила дејностите во САД, и сега е регистрирана како компанија од САД.

На 6 јануари, на митингот на кој се обрати Трамп, свој настап имаше и Џулијани, во кој кажа дека машините на „Доминион“ биле „расипани“ и ги повика поддржувачите да бараат „суд преку борба“. Веднаш потоа, стотици поддржувачи на Трамп извршија напад на Капитол.

Државните и федералните служби не најдоа докази дека некоја од гласачките машини била расипана, и дека системот на гласање ги избришал или променил гласовите.

Од компанијата укажаа дека нови тужби можеби ќе подигнат и против други лица, вклучително и екс-претседателот Трамп.

Би можело да ве интересира

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија

САД испраќаат голем пакет помош за Украина