Колку ти е потемна кожата, толку подолу одиш

Од:

Индепендент – Лондон

Безмилосните шверцери со луѓе кој земаат од очајните мигранти по 1,300 британски фунти за да ги пренесат преку Средоземното Море, ги делат патниците според нивната раса и ги заклучуваат Африканците под палубата.

Над 1,700 души, кои тргнале на опасно патување, загинале само во изминатата недела, а оние кои преживеале раскажуваат за неверојатни ужаси на бродовите, вклучувајќи и глад, мачења и убиства.

Тинејџери кои пристигнале во италијанското пристаниште Лампедуза, им раскажуваат на работници од организацијата Спасете ги децата како мигрантите од африканските земји на југ од Сахара, често се држени под палубата, лишени од вода и сончева светлина.

Тинејџер од Сомалија рече дека сака да го ословуваме со Али – по името на неговиот пријател кој бил фрлен во морето заедно со други патници.

– Либијците кои ме доведоа во Италија не се луѓе, вели тој. „Тие зборуваат со оружјето, не со зборови… исфрлија осум Нигеријци во морето“ изјави момчето. „И мојот пријател го фрлија во морето. Сите се удавија“, рече тој.

Али го преживеал патувањето заедно со уште 400 души и раскажува како бил набутан под палубата каде немало прозорци.

– Не ни даваа вода, затоа што ќе не тераше да одиме во веце, рече тој. „На бродот нема вецеа. Ако си болен или отидеш на погорно ниво за да дишеш воздух, шверцерите ќе те застрелаат“, раскажува Али.

Седумнаесет годишниот Ибрахим од Сомалија исто бил напикан под палубата.

– На мојот брод имаше околу 150 души. Сомалијците беа втерани на најдолното ниво, а луѓето од другите националности можеа да одат на најгорното ниво, рече Ибрахим. Тој платил за патувањето 1,300 британски фунти.

Седумнаесет годишниот Палестинец Јусуф, кој дошол до Италија во февруари откако избегал од Газа, рече дека бил распореден на погорно ниво со други луѓе од Блискиот исток.

– На бродот имаше околу 250 луѓе, имаше две нивоа и некои африканци беа ставени најдолу, додаде тој.

– Шверцерите имаа оружје и ако зборуваш велеа дека ќе те фрлат преку оградата на бродот или дека ќе те застрелаат. Тие постојано ни се закануваа со своето оружје, изјави момчето.

Портпаролка на Спасете го децата рече дека многу мигранти кои добиле помош од организацијата раскажувале слични стории за поделбата според раси, при што луѓето со посветла боја на кожата изгледа добивале малку подобро внимание.

– Она што го слушаме од повеќето мигранти кои пристигнале во Италија, е дека односот кон мигрантите од африканските земји често е полош отколку кон патниците од Блискиот исток или Азија, рече таа. „Тие често се принудувани да бидат напикани во трупот на бродот каде има поголема опасност да се удават ако бродот се преврти, и пак можат да се разболат од вдушување на испарувањата од горивот, изјави портпаролката.

– Тоа отсекогаш е така затоа што африканските мигранти – често од земји како Сомалија или Еритреа – не можат да платат колку другите, но понекогаш, како што сметаме ние, и едноставно заради расизмот од страна на луѓето кои го вршат незаконскиот транспорт, рече таа.

Во јули минатата година, стотина мигранти биле убиени од шерцери со луѓе откако се обиделе да избегаат од заклучениот бродски труп кога од бродските мотори се рашириле испарувања.

Откако отровниот гас се раширил под палубата, започнала паника и патниците успеале на сила да ја отворат вратата, но биле пресретнати од шверцери вооружени со ножеви кои почнале да ги убиваат и фрлаат во морето.

Петмина мажи се нафрлиле врз патниците и искасапиле некои од нив и ги фрлиле преку бродот, закнувајќи им се на другите да не реагираат затоа што ќе ги снајде истата судбина, изјавија од полицијата.

Близу 60 од мигрантите биле нападнати, а телата им биле фрлени во морето, а околу 50, како што се претпоставува, биле директно фрлени во морето за да е удават. Осумнаесет мигранти биле пронаједни мртви меѓу купишта тела во трупот на бродот откако се задушиле од исправувањата.

Оние кои преживеале и кои биле спасени од бродовите на италијанските и малтешките власти биле воглавно сиријци, а во соопштенијата тогаш стоеше дека мртвите мигранти биле „африканци“.

Петмината мажи кои биле уапсени заради убиствата, биле од Саудиска Аранија, Сирија, окупираните палестински територии и од Мароко.

Многу од 900-ната мигранти кои се удавиле по потонувањето на бродот кој доаѓал од Либија минатата недела, исто биле заклучени под палубата, според исказ од преживеан.

Триесет и двогодишен бангладежанец рекол дека преживеал само затоа што бил на погорното ниво на пловечкиот објект.

– Јас и други успеавме да се спасиме затоа што бевме надвор, но многу други останаа затворени во трупот на бродот, зтаоа што шверцерите ги заклучиле таму и тие завршија на дното на морето, рече тој.

Властите кои подигнаа обвиненија за тунискиот капетан заради масовно убиство од немарност, не рекоа како биле поделени тие мигранти, но сметаат дека паничните обиди за бегство по сударот на пловечкиот објект со товарен брод биле причина за негово превртување.

Ужасот се случува во момент кога се се погласни обидите за делување заради се поголемиот број жртви за време на патувања кон Италија, при кои само во последната седмица загинале близу 1,700 души.

Кризата наложи свикување на вонредна средба на врвот на лидерите од Европската унија за преземање на сериозни мерки против шверцување на луѓе и помош за спасувачките мисии на Италија. 

Би можело да ве интересира

Орбан: Закован е уште еден клинец во ковчегот на Европската унија

Група од 29 мигранти се спасени од брод во близина на брегот на Крит во Средоземното Море

(ВИДЕО) Пресметка меѓу мигрантите и Националната гарда на Тексас кај Ел Пасо

(ВИДЕО) Уапсена е банда која криумчарела мигранти

Бојмацалиев: Намалена илегална миграција за 50 отсто

Приведен криумчар на мигранти: Бегал од полиција, удрил во канделабра

А1он