Д-р Милош Бабиќ, молекуларен биолог и невробиолог, во својот напис за публикацијата „Наука во Србија“, детално објаснува што значи појавата на делта-сојот на коронавирусот – и за вакцинираните и за невакцинираните лица.
Во својот напис тој објаснува која вакцина колку штити од зараза од новиот сој што се прошири во над 100 држави и кои се симптомите на делта-сојот кој пристигна и во земјава, повикувајќи се на референци од светски истражувања.
Во прилог пренесуваме дел од неговите поенти.
Делта-сојот предизвикува до 85% повеќе хоспитализации кај невакцинираните
Кај почетниот сој на Ковид-19, секоја заразена личност заразувала отприлика двајца други. Раните проценки укажуваат дека човек заразен со делта-сојот заразува од пет до осум други лица. Кога еднаш ќе се појави во еден регион, делта-сојот набрзо станува доминантен.
Овој сој веројатно произведува значително потешка болест. Иако се потребни уште податоци, прелиминарните бројки покажуваат дека делта-сојот предизвикува до 85% повеќе хоспитализации кај невакцинираните, ако се земе предвид староста на заразените. На пример, нивото на тешки болести и смрт е релативно мал во однос на бројот на инфекции во Велика Британија, првично затоа што повозрасните луѓе се вакцинирани и заразата се јавува претежно кај младата популација.
Нови симптоми кај делта-сојот
За разлика од претходните соеви, за делта-сојот пријавени се нови симптоми: губиток на слухот (понекогаш, најверојатно траен), сериозни гастроинтестинални проблеми, а во ретки случаи и периферни гангрени поради комплетна блокада на капиларите на микротромбовите. За среќа, ова не е знак за промена на механизмите кои вирусот ги користи, само станува збор за поголемо и забрзано ширење на вирусот во организмот, што предизвикува повеќе микротромбози, фузија помеѓу ќелиите и сл., отколку кај претходните соеви.
Која вакцина колку штити од новиот сој?
Прелиминарните податоци говорат дека делта-сојот во значителна мерка го игнорира имунитетот од претходната инфекција. Податоците, меѓутоа, не се комплетно потврдени и проценката е веројатно подобра од она што моментално изгледа.
Делта варијантата ја намалува ефикасноста на вакцината. Ефикасноста на вакцината „Фајзер“ против заразата е намалена на околу 80-90%, на „АстраЗенека“ на 60-65%, на „Џонсон & Џонсон“ (проценки) 55-60%. За „Синофарм“ нема прецизни податоци, но се очекуваат слични падови.
Вакцините, сепак добро се држат против делта-сојот. Иако опаѓа способноста на вакцините да се спротивстават на самата зараза, тие и понатаму спречуваат сериозни облици на болести кај повеќето лица кои ја примиле вакцината. „Фајзер“ покажува 96% спречување на тешки облици на болеста, „АстраЗенека“ околу 92%, „Џонсон & Џонсон“ (проценки) 85-90%. За „Спутник В“ се очекува слична ефикасност како „АстраЗенека“, а за „Синофарм“ се уште нема детални информации.
Иронично, во Русија има висока недоверба спрема „Спутник В“ вакцината која е широко достапна – тоа помалку се должи на „антиваксеризмот“, отколку на тоа дека Русите не веруваат во сопствената држава и на домашното производство. Оттаму, Русија моментално има 12 проценти вакцинирани, што доведе до тоа паралелно да расте бројот на инфекции и на смртни случаи.
Истовремено, во Велика Британија, со 50% вакцинирани со две дози и речиси 70% лица со примена една доза, бројот на инфекции по доаѓањето на делта-сојот расте слично, но бројот на смртни случаи останува низок. Затоа што вакцините си ја вршат својата работа.
Можно е вакцина да е потребна еднаш на 10 или на 12 години
Дополнителна добра вест е тоа што iRNK вакцините произведуваат трајна отпорност. Со други зборови, како поминува времето, така ќе бидат помали шансите за чести дополнителни дози. Моето мислење (лично, а не цврста научна информација) е дека можеби ќе биде потребна една „бустер“ доза против ‘мутантите’ и дека потоа дополнителните дози ќе бидат потребни еднаш на 10 или на 12 година, а возможно е дека најголем број нема да бидат потребни се до староста.
Не е јасно колку ова важи за другите вакцини, но ова овозможува да се надеваме дека коронавирусот нема да биде болест како грипот и дека нема да биде потребно секоја година да се прима нова доза вакцина.
Неодговорноста на невакцинираните значи поголема веројатност да биде потребна дополнителна доза кај вакцинираните
Во наредните месеци, вакцинираните ќе продолжат да си ги живеат своите животи, а Ковид-19 ќе продолжи да „удира“ кај невакцинираната популација. Некои од луѓето кои се плашат од вакцина полека ќе го променат своето мислење. Некои пак, нема да ја сакаат вакцината по ниту една цена и таквите порано или подоцна ќе се заразат. Повеќето ќе го прележат вирусот, често без поголеми проблеми и ќе речат „ете, гледате, не ми требаше да се боцкам, ова не е ништо“. Помал број, пак, ќе имаат тежок облик на болеста, последици или смрт, а тие (или нивните семејства) можеби ќе го променат мислењето, но ќе биде предоцна.
За повеќето целосно вакцинирани, останува заканата дека понатамошните мутации ќе продолжат да се шират кај невакцинираната популација, што дополнително ќе ја намали ефикасноста на вакцините. Порано или подоцна, вирус кој развил доволно начини да се заобиколат антителата, ќе може да ја заобиколи и вакцината – но сè поголем број податоци покажуваат дека можеме да се надеваме дека имунитетот нема целосно да се спушти на нула.
Новите соеви ќе го направат имунитетот делумен, што значи дека вакцинираните ќе се разболуваат, но ќе имаат полесен тек на болеста (во повеќето случаи), со помалку компликации и смртни случаи. Неодговорноста на невакцинираните исто така значи дека постои поголема веројатност да биде потребна дополнителна доза против соевите, но долгорочниот отпор што го гледаме, да повториме, произведува очекување дека ваквите дополнителни дози ќе бидат ретки.