Холивудскиот актер Џорџ Клуни го предводеше денеска во Ереван маршот по повод 101-годишнината од убиствата на Ерменци во Отоманската империја за време на Првата светска војна.
Во комеморативниот марш до Меморијалниот комплекс во спомен на жртвите во главниот град Ереван учествуваа повеќе илјади луѓе.
Холивудскиот актер, борец за човекови права, кој се залага овој масакр да се признае како геноцид, вчера допатува во Ерменија.
Тој заедно со ерменскиот претседател Серж Саркисјан и илјадници Ерменци положи цвеќе во Меморијалниот центар, додека во црквите ширум Ерменија се одржаа помени.
– Овој геноцид е дел од ерменската историја и дел од светската историја, а не болка само на една нација, рече тој по доаѓањето во Ереван.
Ерменија и Ерменците во целиот свет денеска ја одбележуваат годишнината од почетокот на масовните убиства на Ерменците во Отоманската империја во 1915 година.
Пред сто и една година во Првата светска војна се убиени 1,5 милиони Ерменци, според ерменските власти, кои овие убиства ги означуваат како геноцид.
Турција, пак, го оспорува бројот на жртвите и демантира дека Ерменците биле подложени на геноцид.
Убивањето на повеќе од 200 ерменските интелектуалци на 24 април 1915 година се смета за почетокот на масовните убиства.
Повеќето историчари овие убиства ги означуваат како геноцид.
Околу 15 илјади лица се вклучија синоќа во маршот со факели до Меморијалниот комплекс во пресрет на официјалното одбележување. Учесниците во маршот симболично го изгореа турското и азербејџанското знаме.