Клучните луѓе во новата талибанска влада во Авганистан

Од:

Коосновачот на талибанското движење Мула Абдул Гани Барадар ќе ја предводи новата талибанска влада во Авганистан, изјавија денеска талибански извори.

Ова се некои детали за лицата кои ќе бидат високорангирани членови на владата. Нивните точни должности допрва треба да бидат потврдени, како и самите именувања.

Хаибатулах Ахунџада
Врховниот талибански лидер ќе ја предводи новата влада, фокусирајќи се на верските прашања и владеење во духот на исламот, изјави талибански извор.

Ахунџада, правен експерт кој досега дејствуваше од позадина, го презеде кормилото откако неговиот претходник Мула Ахтар Мансур беше убиен во 2016 година во американски напад со беспилотно летало.

ОН го идентификуваа како поранешен шеф на правосудниот систем воведен од талибанците кога владееја со Авганистан од 1996 до 2001 година.

По неговото назначување за нов лидер, тој внимателно работеше за обединување на движењето, отстранувајќи високи функционери за да ја консолидира моќта, да ги спречи внатрешните поделби и да го запре одливот на борци во ривалски групи, како што е Исламска држава.

Еден од неговите синови беше убиен во самоубиствен напад врз авганистанска воена база во Хелманд во 2017 година.

Ахунџада не давал изјави за јавност од падот на Кабул, па дури се шират гласини дека тој загинал пред извесно време.

Абдул Гани Барадар
Барадар некогаш бил близок пријател со првичниот талибански лидер Мула Мохамад Омар, кој му го дал военото име Барадар, кое значи „брат“.

Тој бил заменик министер за одбрана кога талибанците за првпат управуваа со Авганистан.

По падот на талибанската влада, според ОН, Барадар бил висок воен командант задолжен за напади врз коалициските сили.

Во 2010 година, тој е уапсен и затворен во Пакистан. По ослободувањето во 2018 година, тој ја предводеше политичката канцеларија на талибанците во Доха, станувајќи еден од најистакнатите функционери во мировните преговори со САД.

Шер Мохамад Абас Станикзаи
Станикзаи, заменик на Барадар во Доха, дипломирал воено училиште во Индија во 1982 година.

Неговите соученици велат дека уживал во пешачење и пливање во реката Ганг за време на викендите и немал симпатии кон исламистичките радикали.

– Немаше индикации за какви било радикални или екстремистички идеи, изјави Д.А. Чатурведи, пензиониран индиски генерал мајор, кој учел во исто одделение со Станикзаи.

Уште еден негов другар, кој сакал да остане анонимен, истакна дека Станикзаи бил просечен питомец кој добро се вклопил меѓу индиските регрути.

По завршувањето на училиштето, Станикзаи се борел во советско-авганистанската војна и бил заменик министер за надворешни работи во првата талибанска влада. Одлично зборува англиски јазик, помогнал да се формира политичка канцеларија во Доха и е еден од клучните талибански претставници за странски дипломати и медиуми.

Мула Мохамад Јакуб
Синот на талибанскиот коосновач Мула Омар Јакуб сакаше да го наследи својот татко во 2015 година. Разочаран го напушти состанокот на Советот, на кој Мула Ахтар Мансур беше назначен за лидер, но на крајот се помири со талибанското раководство и беше именуван за заменик на Ахунџада, кога загина Мансур.

Има околу 30 години и нема долгогодишно борбено искуство, какво што имаат главните воени команданти на талибанците, но ужива лојалност кај дел од движењето во Кандахар заради неговиот татко.

Минатата година е назначен за шеф на талибанската воена комисија која ги надгледува сите воени операции во Авганистан.

Иако некои западни аналитичари го сметаат за релативно умерен, талибанските команданти сметаат дека тој е меѓу водачите кои сакаат да ја зајакнат воената офанзива против градовите во периодот пред падот на Кабул.

Би можело да ве интересира

Во и поплавите во Авганистан загинаа најмалку 50 лица

Тројца шпански туристи загинаа во Авганистан

Горан Наумовски

Девет деца загинаа откако експлодираше нагазна мина во Авганистан

Силен земјотрес го погоди Авганистан

Османи на дискусија за поддршка на бранителите на демократијата од Авганистан: Македонија покажа одговорност кога тоа беше најпотребно

Орце Костов

Нов силен земјотрес го погоди западниот дел на Авганистан