Кина одби да прима отпад за рециклирање од странство, што предизвика шок кај американските фирми за рециклирање

Од:

Франкфуртер Алгемајне Цајтунг – Франкфурт

Пред речиси една година Владата од Пекинг ја извести Светската трговска организација (СТО) дека во 2018 година Кина ќе го ограничи увозот на пластични маси и отпадна хартија наменети за рециклирање.

Во текот на март и април оваа година Пекинг дополнително ги зголеми овие ограничувања и во иднина во земјата повеќе нема да се увезуваат пластични маси за рециклирање. Останува само увозот на отпадна хартија, но под услов таа да биде чиста без примеси на пластика и други вештачки материјали.

За американската индустрија за рециклирање ваквата одлука претставува тежок удар, имајќи предвид дека две третини од отпадната хартија, над половина од отпадните пластични маси и половина од алуминиумската згура од САД минатата година завршија на рециклирање во Кина.

Одлуката на Кина предизвика потрес во трговските односи и создаде верижна реакција во секторот кој функционира над три децении.

Досега ланецот за остварување профит ја следеше економската логика. Приватни и државни компании собираа отпад од домаќинствата и претпријатијата и го продаваа на фирмите за рециклирање. Тие го сортираа отпадот делејќи го на хартија, пластичи маси и метали и потоа најголемиот дел од отпадната хартија и пластика ги продаваа во Кина каде продолжуваше нивната обработка.

– Оваа соработка одеше толку добро имајќи предвид дека Кинезите никогаш не го враќаа отпадот, дури и тогаш кога во него имаше примеси на непреработен смет, вели менаџерот за управување со отпад во градот Кин во Њу Хемшир, Данкан Вотсон.

Кина не се шегува

Во 2016 година на кинеската телевизија беше емитуван документарен филм под наслов „Пластична Кина“ во кој се говори за едно семејство што живее покрај фабрика за рециклирање и чии членови го сортираат „странскиот пластичен смет“.

Филмот предизвика бес дури и притисок врз властите што резултираше со одлуката за засилена контрола на увезените материјали за рециклирање уште во текот на 2017 година. Илјадници контејнери беа вратени во земјите извозници или беа држени долго на контроли, а многу увозници и фабрики за преработка на хартија ги загубија лиценците за работа. Од лани Кина сериозно се зафати со ова прашање.

Оорганизациите на американските работодавачи во секторот за рециклирање изразија стравување дека трговската војна што ја иницира претседателот на САД, Доналд Трамп со одлуките за воведување царини за кинеските производи, може дополнително да го засили протекционизмот на Кина во секторот на рециклирање.

Своите одлуки во врска со новата политика за рециклирање Кинезите ја образложуваат со потребата за заштита на животната средина. Според кинеските власти, материјалите за рециклирање што доаѓале од САД често биле загадени или дури содржеле и отрови, што штети врз животната средина и здравјето на граѓаните на Кина.

Кои и да се мотивите за ваквата радикална промена во кинеската политика, сега американската индустрија треба да најде решение за основното прашање: што да прави со отпадот.

Меѓународните трговски текови веќе се променија и отпадот се извезува во Филипините, Индија, Виетнам, Тајланд или Индонезија, но тие држави немаат доволно капацитети да го примат целиот материјал за рециклирање и веќе почнаа да откажуваат прием на нови суровини.

Научници од Универзитетот во Џорџија оценуваат дека без Кина САД до 2030 година нема да има од каде да сместат 111 милиони тони отпадна пластична маса. Според нив, 34 од 50-те американски сојузни држави веќе ги чувствуваат последиците од кинеската забрана.

Дури и држави кои историски се многу чувствителни кога станува збор за прашањето за заштита на животната средина, како Вермонт, сега дозволуваат отпадот подготвен за рециклирање одреден период да се чува на депониите. Еколошките организации сметаат дека ваквите одлуки претствуваат предавство на идејата за заштита на животната средина и бараат да им се објасни на граѓаните дека мора да ја издвојуваат хартијата и пластиката од останатиот отпад.

Подобрени технологии или избегнување на отпадот

Според Данкан Вотсон, кој раководи со најголемата фабрика за рециклирање во Њу Хемшир, компаниите за собирање отпад се двојно погодени со ваквата состојба. Тој наведува дека дури и без дополнителните количества отпад за рециклирање, депониите се пренатрупани, а еколошките организации прават се за да спречат создавање нови депонии.

– Што да правиме, се прашува менаџерот, додека отпадот од пластични маси се трупа на депониите.

Некои организации се обидоа да направат бизнис од ваквата состојба. Така групата наречена „Што ќе си посееш“ формираше инвестициска алијанса за решавање на проблемот со пластиката, кон која за кусо време се приклучија 25 инвеститори. Тие вршат притисок врз големите концерни за производство на храна, како „Нестле“, „Унилевер“ и „Пепси“ да се откажат од амбалажи што неможат да се рециклираат.

– Друг можен одговор е технологијата, убеден е Данкан Вотсон. Најмодерните оптички и електрични процеси на сортирање веќе овозможуваат подобро раздвојуање на отпадот и производство на „чисти“ материјали за рециклирање. На тој начин пресираните бали може повторно да станат посакувана суровина.

Меѓутоа изградбата на ваквите капацитети ја наметнува потребата од големи инвестиции. Во моментот компаниите се воздржуваат од вакви инвестии, надевајќи се дека Кина одново ќе дозволи прием на отпад, па тие не ќе мораат да вложуваат во вакви инвестициски проекти.

Би можело да ве интересира

САД нападна подземни складишта со оружје на Хутите во Јемен

САД со ултиматум до Израел: Да се подобри хуманитарната ситуација во Газа

Авионска несреќа во САД, загина пилот, еден патник е повреден

Неуспешни преговори за електричните кинески автомобили

Предраг Петровиќ

Разговорите Кина-ЕУ за царината на електрични возила завршија со несогласувања

A1on

Одговорот на Лавров: Соединетите Американски Држави и нивните сателити едноставно се плашат од фер конкуренција

Предраг Петровиќ