Украинската армија денеска соопшти дека девет руски воени авиони се уништени во серијата експлозии во руската воздухопловна база на Крим.
Иако украинската страна не презеде одговорност за нападот, се шпекулира дека настанот може да биде поттик за ескалација на војната во Украина. Официјални претставници на Москва во повеќе наврати предупредија дека секој украински напад врз Крим ќе резултира со одмазда, вклучително и напади врз „центрите за одлучување“ во Киев.
Според непотврдени извори базата „Саки“ била погодена од украински ракети со долг дострел.
Русија негираше дека има оштетување на авиони или дека се работи за напад, односно дека се работи за инцидент предизвикан од експлозија на муниција.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и се обрати на јавноста по експлозиите, велејќи дека војната во Украина ќе заврши со ослободување на Крим.
Руските власти денеска се обидоа да го минимизираат инцидентот, велејќи дека од експлозијата воопшто не се засегнати хотелите и плажите на Крим, што е популарна туристичка дестинација за многу Руси.
Во експлозиите загина едно, а се повредени 13 лица.
Извор: МИА