Првиот претседател на Замбија, Кенет Каунда, таткото на независноста на земјата со која владееше 27 години, почина денеска на 98-годишна возраст, соопшти владата.
„Тој почина мирно во 14.30 часот во болница“, изјави државниот секретар Симон Мити на националната телевизија.
Поранешниот шеф на државата беше примен во болницата во понеделникот во Лусака, главниот град на Замбија, поради пневмонија.
Замбија во моментов се бори со скок на бројот на случаи со Ковид-19, а Каунда беше примен во воената болница во Лусака, која е центар за третман на Ковид-19.
Каунда беше водач на кампањата што стави крај на британското колонијално владеење и стана првиот демократски избран претседател на Замбија во 1964 година. Тој раководеше земја што стана еднопартиска држава до 1991 година, кога беше поразен на изборите по воведувањето на повеќепартиски систем.
Каунда беше еден од најистакнатите членови на Движењето на неврзаните, во кое еден од основачите беше поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито.
За време на неговото владеење, Каунда ја претвори Замбија во центар за антиколонијални групи кои се бореа да стават крај на владеењето на белото малцинство во земјите од јужна Африка, вклучувајќи ги Ангола, Мозамбик, Намибија, Јужноафриканската Република и Зимбабве.