Кампањата на Обама и на семејствата на убиените од Њутаун заврши со пораз во Сенатот

Од:

Американскиот претседател Барак Обама претрпе тежок пораз во американскиот Сенат кога сенаторите одбија да го поддржат предлог законот за воведување построги мерки за контрола на оружјето во САД.

Неколкумесечната политичка кампања на Обама, во последните денови поддржана од дел од родителите на децата убиени во масакрот во Њутаун, сепак заврши со седум гласања, во кои ниту еден од предлозите не го доби потребното мнозинство од 60 гласови во Сенатот.

На гласање пред сенаторите беа предлог закони за забрана на користење на големи шаржери за муниција, построги мерки против илегалното препродавање оружје, забрана за одредени видови оружје и за формирање на база на податоци за проверка на купувачите на оружје. Дури и последната мерка, за која се очекуваше дека има најголеми шанси да биде прифатена, беше одбиена од Сенатот, во кој Демократската партија на Обама има мнозинство.

Пакетот мерки беше предложен од демократскиот сенатор Џо Манчин од Западна Вирџинија, познат предизборен спот во кој пука со пушка во закон предложен од Обама и Патрик Туми од Пенсилванија кој се обиде, но не успеа да издејствува поголема поддршка од сенаторите од неговата Републиканска партија.

Само тројца републиканци му се придружија на Туми во поддршката на законите, но затоа четири демократски сенатори, од сојузни држави во кои се почитува правото на носење оружје, гласаа заедно со сенаторите од опозициската Републиканска партија, против предложените мерки за заострување на контролата врз оружјето.

– Монатана, изјави кусо Макс Бакус, демократски сенатор од оваа сојузна држава, запрашан да објасни зошто гласал против предложените закони. Бакус се соочува со избори во 2014 година, а граѓаните на ретко населената Монтана се меѓу најмногу вооружените во САД.

Членови на семејствата на некои од децата убиени во масакрот во училиштето Сенди Хук во градот Њутаун во декември минатата година беа присутни во галеријата на Сенатот и се расплакале откако ги слушнале резултатите од гласањето. Законите имаа мали шанси да поминат низ Претставничкиот дом, каде противењето на контролата врз оружјето е многу посилно, но Обама се надеваше дека успешно гласање во Сенатот ќе изврши притисок врз долниот дом на Конгресот.

– Денес е срамен ден за Вашингтон, изјави видно потресениот претседател Обама по гласањето во Сенатот.

„Семејства кои претрпеа незамислива болка собраа храброст да упатат петиција од нивните избрани водачи, не само во спомен на нивните деца, туку и да се заштитат животите на сите наши деца.

– Но, пред неколку минути, малцинство сенатори на Сенатот на Соединетите Американски Држави решија дека тоа не е потребно. Блокираа разумни законоски решенија за контрола на оружјето додека овие семејства ги гледаа од галеријата на Сенатот”, додаде Обама.

Обама зборуваше во Белата куќа, придружуван од потпретседателот Џо Бајден, семејства на деца убиени во Њутаун и поранешната конгресменка Габриела Гифордс која во 2011 година беше тешко ранета откако ја застрела душевно болен човек кој уби шест други лица. Гифордс, во текст објавен во Њујорк тајмс веднаш по гласањето во Сенатот, ја обвини Националната асоцијација за оружје за лобирање против предложените мерки.

Би можело да ве интересира

САД: Судири на пропалестински протести, приведени околу 300 студенти

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер го погоди Лос Анџелес

(ВИДЕО) Полицијата во САД усмрти ученик пред училиште откако доби информација дека има пиштол

Хамас: САД вршат притисок да го прифатиме договорот со Израел

А1он

Вучиќ за негодувањето на САД што нови министри се на американската црна листа: Тоа е изборот на граѓаните на Србија

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Студентите на пропалестинските протести во Тексас се судрија со полицијата

Катерина Ѓуровски