Како Копенхаген избегна банкрот и стана еко град?

Од:

24 сата – Загреб

Бил на раб на банкрот. 15 години подоцна прогласен е за најпосакуван град за живот. Како овој град за неколку години стана престолнина на зелена урбана архитектура и дизајн, одржлив развој и чиста енергија?

Во почетокот на 1990-тите Копенхаген бил на раб на банкрот. Веќе во 2008 година прогласен е за најпосакуван град за живот според истражувањето на магазинот Монокл. Титулата за најпосакуван град ја потврди во 2013 и 2014 година и така влезе во историјата како единствен град на кој тоа му успеало три пати. Како овој град за само неколку години станал престолнина на зелена урбана архитектура и дизајн, одржлив развој и чиста енергија?

Со гасењето на производната индустрија во 1970-тите и 1980-тите години завршила индустриската ера на овој град. До 1990-тите голем број на фабрики и воени комплекси биле затворени и преместени во други делови на Данска. Дел од напуштените објекти се урнати за да се растовари центарот на градот и да се ослободи за развој на станбени зони и на тој начин да се привлечат млади семејства од предградието и успешните странски компании. Но, ефектот не бил задоволителен, а градот запаѓал во се подлабока економска криза.

Кон крајот на 1990-тите години градските власти одлучиле да заземат проактивен став. Долгорочната визија и многу ризичниот стратешки план покренале серија приватни и јавни инвестиции во следните 10 години.

1. Трансформација на индустриската зона и воените комплекси

Индустриските зони полека почнале да добиваат ново лице, но го задржале индустрискиот дизајн, по што е позната данската архитектура. Нордхавн, северниот дел од старото индустриско пристаниште, минува низ слоевита трансформација која ќе трае следните 40 до 50 години. Дел од станбените згради веќе е изграден и населен, додека постоечките добиваат нова улога. Импресивна е трансформацијата на стар силос во станбена зграда со ултра модерни станови, при што е задржана оригиналната конструкција и индустрискиот ентериер, кој ќе остане видлив како потсетник на долгата историја на зградата. Во целиот кварт ќе биде забрането паркирање и запирање на автомобили, а инфраструктурата примарно ќе биде прилагодена за велосипеди и пешаци.

2. Поранешен воен комплекс станува слободен град внатре во градот

Кога војската во 1971 година го напуштила складиштето за оружје и воениот комплекс во квартот Кристијансхавн, запуштените згради ги населиле бездомници, боеми, хипици и ументици. На нив многу брзо се придружиле сиромашни млади семејства барајќи евтино сместување. Воените згради постепено биле претворени во станбени, додека некои се урнати и надоместени со нови дрвени куќи.

Животот во овој кварт се одвивал паралелно со другите делови на градот, со стил на живот пркосејќи на ригидното и дисциплинираното данско општество. Анимозитетот бил двостран. Угледните Данци ја избегнувале Кристијанија и ја гледале со доза на презир, но градот во неколку наврати се обидел да го скрши слободоумието. Дури неодамна градските власти одлучиле да го прифатат како жив експеримент. Комуната добила автономија и статус на слободен град со сопствена валута, знаме и закон кој дозволува продажба и конзумација на марихуана и лесни дроги. Денес Кристијанија е една од најпосетените туристички дестинации, нагалено наречена „Мини Амстердам‟, на чии живописни улици никнуваат бутици, галерии, кафулиња и ресторани за здрава храна.

3. Петминутен град

Во раните 90-ти години биле покренати многу проекти за развој на инфраструктурата, а меѓу најважните е мостот Оресунд кој ги спојува Данска и Шведска. Изградбата која траела пет години ја финансирале двете држави, а кредитот ќе се отплатува со пари на даночните обврзници во следните 30 години. Долг е вкупно 12 километри, од кои четири километри е тунел под морето, со цел конструкцијата да не попречува на воздушниот сообраќај од блискиот аеродром. Мостот годишно со автомобили, автобуси и со воз, го поминуваат околу 35.6 милиони патници.

Изградбата на метрото почнала во 1996 година. Последниот дел од 20 километри долгата линија е завршен во 2007 година. Но, веќе во 2015 година почна надоградба на постоечкото метро кој ќе го обиколува цел град. Целта е на сите жители на Копенхаген, без оглед каде се наоѓаат, да им се овозможи да стасаат до метро станица најмногу за 5 до 10 минути одење. Тоа е дел од амбициозниот план, Копенхаген да стане јаглеродно неутрален град до 2025 година.

Со стратешкиот план за развој на велосипедската инфраструктуа од 2001 година, ова станало префериран облик на сообраќај. Денес Копенхаген има над 400 км велосипедски патеки, а секоја година се градат седум километри нови патеки. Во 2015 година секој втор жител на работа оди со велосипед. Дури 70 отсто од владините службеници, вклучувајќи министри, возат велосипед до работа, што го потврдува и полниот паркинг за велосипеди пред зградата на владата.

Дополнителен мотив за возење на велосипед е и данокот на автомобилите од 180 отсто со што градот сака да го намали користењето на автомобили.

4. Европска престолнина на културата

Во 1996 година Копенхаген е избран за европска престолнина на културата. Во тоа време многу јавни пари биле инвестирани во културин и едукативни институции, меѓу кои се изградбата на нови концертни сали, зградата на операта во поранешната индустриска зона, кралскиот дански театар, новото крило на националната библиотека и пренамената на воените објекти во архитектонски факултет и деловни згради. Импресивната нова зграда на операта е изградена за само три години, со пари од приватен инвеститор. А. П. Мулер соосновач на познатиот дански конгломерат Маерск, кој донирал над половина милијарда евра за изградба на зградата на операта.

5. Местото каде што ќе се пали отпадот воедно ќе биде и градско скијалиште

Изградбата на местото за палење на отпадот почната е во 2013 година, а кога во 2017 ќе се стави во погон, со енергијата добиена од палењето на 400.000 тони отпад ќе се обезбедуваат 160.000 домаќинства. Косиот покрив на клинестата зграда за палење на отпадот со површина од 32.000 м2 ќе биде претворен во скијачка патека со вештачки снег на кој лето и зима ќе може да се скија со поглед на Копенхаген и Оресунд. Оџакот на зградата ќе испушта кружни чадови секогаш кога ќе се запали еден тон отпад и така ќе ги предупредува граѓаните да ја намалат количината на отпадот.

Ветропаркот Миделгрунден, изграден во 2000 година, е симбол на Копенхаген кој го промовира користењето на чиста енергија. 20 ветротурбини распоредни во морето меѓу Данска и Шведска се во 50 отстотна сопственост на 10.000 приватни инвеститори, додека 50 отсто е сопственост на градот.

6. Данокот го плаќаат со задоволство бидејќи веруваат во своите политичари

Тешко е да се поверува кога велат дека данокот го плаќаат со задоволство бидејќи веруваат на своите политичари и сигурни се дека нивните пари ќе бидат вложени во проекти со цел за подобрување на квалитетот на нивниот живот и нивните потомци.

Но, плаќањето на 60 отсто данок им дава право да спречат секој проект кој не им се вклопува во тој контекст или не ја унапредува целата заедница. Егзистенцијален страв речиси и не постои бидејќи стапката на невработеност е околу 2 отсто, а стандардот на животот е осум пати повисок од стандардот во Хрватска.

Предност секогаш ќе дадат на домашниот производ и малите локални претприемачи, што е видливо и според бројот на малите дизајнерски бутици, уникатни галерии, ресторани и кафулиња. Во новите градски квартови сите деловни простории се во приземје на станбените згради и во сопственост на една приватна компанија која ја контролира цената и видот на обртот, па не може да се случи во круг од 100 метри да постојат четири пекари и шест аптеки.

7. Жива лабораторија на еколошко урбано живеење

Сепак, Копенхаген не е град без недостатоци. Во минатиот век имало и промашени инвестиции, неуспешни проекти и лоши еколошки решенија кои ја нарушиле утописката слика на зелениот град. Економската стабилност сигурно дава доза на опуштеност при одлучувањето, па за грешките не се тагува долго. Склони се да грешат брзо и неоптоварено, да учат од грешките, а искуството да го делат со други. Речиси 100 години демократија, долгорочното стратешко планирање, отвореноста кон иновативни решенија и подготвеноста на учење од грешките, го трансформирале Копенхаген од индустриски во град зелена престолнина и жива лабораторија на еколошко прифатливо урбано живеење.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Гори една од најпознатите згради во Копенхаген

ВИДЕО: Ја испраќаме целата артилерија што ја имаме во Украина, најави данската премиерка

Катерина Ѓуровски

Данска доби крал: Кралицата Маргарета Втора абдицираше и му го предаде тронот на својот син

Горан Наумовски

Европска потерница за богатата наследничка: Мајката призна дека децата киднапирани во Данска се кај неа

(ВИДЕО) Од ресторан во Данска киднапирани две деца: Мајката е богата наследничка, со таткото се во војна

Данска и нареди на Русија да го намали бројот на дипломати во амбасадата во Копенхаген