Новите жаришта на коронавирус во јужнокорејскиот главен град Сеул властите ги прогласија за „кризна состојба“ и повторно се воведени одделни рестриктивни мерки со цел да се спречи ширењето на Ковид-19.
Затворени се повеќе од 200 училишта, а повторното отворање на неколку стотина образовни институции е одложено.
Здравствените власти побараа од граѓаните во текот на следните две недели да се придржуваат кон превентивните мерки, кои подразбираат физичко дистанцирање и зајакнати мерки на претпазливост.
Парковите и музеите во Сеул и околните места се затворени, а од луѓето е побарано да ги избегнуваат масовните собирања.
Во Јужна Кореја немаше воведено полициски час, туку властите се потпреа на личната одговорност на граѓаните и масовното следење и тестирање.
Повеќето новозаразени лица се поврзани со дистрибутивен центар во северниот дел на Сеул. Вирусот е откриен на чевлите и облеката на еден работник во центарот, а властите се загрижени бидејќи новото жариште е во близина на најнаселената област.
Во последните 24 часа се регистрирани најмалку 56 нови случаи на коронавирус.