Повеќе од 4,5 милиони Јорданци со право на глас денеска излегоа на гласачките места за да изберат нов состав на парламентот.
Гласачите ќе изберат 130 члена на долниот дом на парламентот, во кој 15 места се резервирани за жени, девет за христијани и три за малцинските Чеченци и Черкези.
Јорданската Влада е порепрезентативна од другите на Блискиот исток, но најголема моќ има кралот Абдула Втори, кој ја назначува владата и може да го распушти парламентот во секое време.
На политичките партии, вклучително и оние поврзани со групата Муслимански браќа, им е дозволено да учествуваат на изборите, но изборниот систем ги фаворизира племенските кандидати, бизнисмените и независните кандидати лојални на кралот, додека монархот ги именува сите членови на Сенатот.
На избирачките места на гласачите им се делат ракавици, маски и пенкала, и од нив се бара да го почитуваат физичкото растојание.
Гласачите кои се во изолација затоа што биле изложени на коронавирусот, ќе гласаат на крајот на денот.