Израел ја укина обврската за носење маски во затворени простории, која важи речиси една година, со оглед на тоа што бројот на заразени со коронавирус продолжува да опаѓа.
Одлуката за укинување на обврската стапи во сила синоќа, но заштитните маски сепак ќе мора да се носат во болниците, домовите за стари лица и на меѓународните летови.
Во Израел има пад на новите инфекции со коронавирус од кулминацијата на последниот бран на инфекции во јануари.
Сериозните случаи на ковид-19 паднаа од над 1.200 за време на доминацијата на варијантата омикрон на 200.
Од почетокот на пандемијата пред две години, во Израел се регистрирани повеќе од четири милиони случаи на инфекција со коронавирус, а најмалку 10.658 луѓе починале, од кои една петтина од јануари досега, според Министерството за здравство.
Над 72 отсто од 9,4 милиони жители на Израел примиле најмалку една доза од вакцината Фајзер/Бионтек, а речиси половина добиле три дози.
Израел ги затвори своите граници во ноември по појавата на новиот сој на вирусот – омикрон, но по неколку месеци ја отвори земјата за странските туристи и ги укина речиси сите ограничувања воведени поради пандемијата.
Извор: МИА