Италијанка обвинета во „Ватиликс 2“ го уценува Силвио Берлускони за неговите сметки во банката на Ватикан

Од:

БТА – Софија

На обвинетата во судскиот процес „Ватиликс 2“, италијанската граѓанка Франческа Имаколата Шаукуи, и се суди и за второ обвинување надвор од Ватикан, откако римското обвинителство против неа покрена обвинение за „изнудување со цел измама“.

Жртви на изнудувањето биле поранешниот премиер и лидер на партијата Форца Италија, Силвио Берлускони и неговиот брат Паоло.

Пи-Ар консултантката Шаукуи (од мајка Италијанка и татко Мароканец) беше член на Комисијата за ревизија и реорганизација на административно-економските структури на Светата столица (Косеа), од чиј архив се изнесени доверливи документи за финансиски и банкарски проблеми, како и за службени и финансиски злоупотреби од страна на високи духовници, што им биле предадени на двајца истражувачки новинари кои ги обавија во две посебни книги и го предизвикаа скандалот „Ватиликс 2“.

Заедно со сопругот Корадо Ланино, кој е експерт за компјутери, Шаукуи беше испитана прво од Обвинителството на градот Терни, административен центар на истоимената провинција во областа Умбрија, во врска со финансискиот банкрот на тамошната католичка епархија.

Дел од собраниот доказен материјал е поврзан со дејноста на „Институтот за религиозни работи“ (ИОР), популарно познат како „Банка на Ватикан“, заради што беше предаден на обвинителството во Рим. Сега и римските магистрати ги ставија и двајцата сопружници на списокот за судење.

Според обвинителските откритија, Франческа Шаукуи му се заканувала на Паоло Берлускони дека ќе ја искористи својата позиција на член во Косеа, каде е лично назначена од папата Франциско, за да и предаде доверливи информации на италијанската судска истрага против Силвио Берлускони.

Во тоа време обвинителството во Милано побарало извршување на меѓународна судска одлука во врска со банкарските сметки на Силвио Берлускони во ИоР.

Во замена да молчи, Шаукуи побарала од Паоло Берлускони, сопственик и издавач на дневниот весник „Џорнале“, да го смени неговиот ватикански дописник Фабио Маркес Рагона, затоа што отворено пишувал критички материјали против неа. До договор не дошло, но новинарот бил сменет како дописник од Ватикан и дури недоамна беше повторно вратен на таа должност.

Паоло Берлускони, исто така, е на истражниот список на римското Обвинителство, затоа што, според законот, бил должен да ги информира надлежните власти за уцената.

Допрва треба да се отвори постапка и против Силвио Берлускони, затоа што весникот „Џорнале“ беше во негова сопственост и за време на трите премиерски мандати требаше да ги распредели неговите бизниси меѓу членовите на семејството за да избегне конфликт на интереси.

Што се однесува до ватиканскиот судски случај „Ватиликс 2“, освен Франческа Шаукуи, другите четворица обвинети се шпанскиот прелат (духовен лидер, соодветен на архиереј во Православната црква) и секретар на Префектурата за економски прашања на Светата столица, монсињор Лусио Анхел Вајехо Балда, неговиот соработник Николо Мајо, како и италијанските новинари Емилиано Фитипалди и Џанлуиџи Нуци, кои во своите книги „Алчност“ и „Крстопат“, објавија дел од доверливите ватикански документи.

Судското шоу со размена на пикантни обвиненија ги разоткриваат прелатот и Пи-Ар консултантката. Во своите писмени докази монсињор Балда, кој е главниот „виновник“ за нејзиното назначување во Косеа, прзнава дека на 28 декември минатата година во Фиренца имал сексуален однос со Шаукуи, но веднаш по половиот чин се „покајал и побарал да ја оддалечи од него“.

– Се плашев од неа. Таа ми рече дека работи за тајните служби и дека нејзиното партнерство со Корадо Ланино е маска. Ми испрати фотографии од Корадо со друга жена, неговата вистинска сопруга. Отидов да разговарам со шефот на тајните служби, но тој не ја познавал. Почнав да собирам информации и секогаш откривав разни измами, пишува во својата одбрана прелатот.

Шаукуи веднаш реагираше со зборовите: „Онаков каков што е, нема шанси да го има тоа задоволство да легне со мене“. – Познавам милијардери и емири, и ако сакав да го изневерам мојот сопруг немаше да се фатам со стар поп, кој и не ги сака жените. Во процесот треба да го одрече сето тоа, инаку ќе го оставам само по ѕиври. Ако имам некаква вина тогаш тоа е дека ја организирав вечерата на која Балда се запозна со Џанлуиџи Нуци. Не знам ништо за компромитирачки пораки и документи, изјави таа

Одбраната на Франческа Шаукуи им е доверена на двајца адвокати, Џулија Бонџорно, која е од италијанскиот судски колегиум и нема право да ја врши професијата во Ватикан, и Лауро Згро, од ватиканскиот колегиум. Адвокатот Бонџорно ја оспорува самата квалификација на обвиненијата за „злосторнички заговор со цел ширење на тајни информации од Светата столица“.

Според неа, тоа е обвинение за криминал против безбедноста на државата, а со тоа и политички криминал. – Ако претпоставиме дека криминалот е политички и е извршен на територијата на Италија, тогаш ватиканскиот суд не е надлежен да го суди делото и Шаукуи има право да биде судена во Италија, изјави адвокатот Бонџорно.

Останува нејасно на која основа италијанскиот суд ќе суди италијанска државјанка за дела кои се однесуваат на безбедноста на странска држава. Во тој случај, пракса е оштетената страна да бара екстрадикцијата на обвинетиот со минимални шанси неговата молба да биде прифатена, поради деликатниот политички и дипломатски карактер на делото.

Судењето на другиот главен обвинет, монсињор Балда, изгледа е веќе завршено. Според лица запознати со случаот, за него е веќе определен манастир во Шпанија, каде ќе траба да помине минимум пет години во молитви и покајание.

Би можело да ве интересира

Италија бара од Гугл една милијарда евра неплатени даноци

Извлечени уште 14 тела по бродоломот на мигрантскиот брод кај Калабрија

(ВИДЕО) Расправија и тепачка во италијанскиот Парламент

Семејство со три деца со автомобил падна во море, лекарите се борат за животите на мајката и синот

Серија земјотреси во околината на Неапол

ВИДЕО: Надојдена река однесе тројца млади во Италија, им се губи секаква трага