Историска пресуда во САД: „Мета е одговорна за штетата предизвикана на децата“

Од:

Порота во Ново Мексико ѝ наложи на Мета да плати 375 милиони долари граѓански казни, утврдувајќи дека компанијата ги довела во заблуда корисниците во врска со безбедноста на своите платформи, дозволувајќи штета, вклучително и сексуална експлоатација на деца. Според „Гардијан“, ова е првата пресуда со која Мета е одговорна за дела извршени на нејзините платформи.

„Пресудата на поротата е историска победа за сите деца и семејства кои ја платија цената за одлуката на Мета да го стави профитот пред безбедноста на децата“, рече главниот обвинител на Ново Мексико, Раул Торез. „Раководителите на Мета знаеја дека нивните производи им штетат на децата, ги игнорираа предупредувањата од сопствените вработени и ја лажеа јавноста за она што го знаеја. Денес, поротата, заедно со семејствата, едукаторите и експертите за безбедност на децата, рекоа дека е доста.“

Канцеларијата на главниот обвинител ја поднесе тужбата во декември 2023 година, по двегодишна истрага на „Гардијан“, која во април истата година откри како Фејсбук и Инстаграм станале пазари за трговија со деца за сексуална експлоатација. Таа истрага се споменува неколку пати во тужбата.

Поротата ѝ додели на Мета максимална законска казна од 5.000 долари по прекршок, за вкупно 375 милиони долари, прогласувајќи ја компанијата за одговорна по двете точки од тужбата за кршење на Законот за нефер практики.

Мета изјави дека ќе се жали на пресудата, обвинувајќи го Торез за изнесување „сензационалистички и ирелевантни аргументи преку селективни докази“. „Со почит не се согласуваме со пресудата и ќе се жалиме.

Работиме напорно за да ги заштитиме луѓето на нашите платформи и ги препознаваме предизвиците за идентификување и отстранување на злонамерни актери или штетна содржина“, рече портпаролот на Мета. „Ќе продолжиме енергично да се браниме и да останеме уверени во нашите резултати во заштитата на тинејџерите на интернет“.

За време на судењето беа презентирани внатрешни документи и сведоштва на Мета, кои открија дека вработените и надворешните експерти постојано ја предупредувале компанијата за ризиците. На поротата ѝ беа презентирани и детали за тајната истрага „Операција МетаФиле“ од 2024 година, што доведе до апсење на тројца мажи обвинети за сексуална експлоатација на деца преку платформите на Мета.

Судот, исто така, слушна како одлуката на Мета во 2023 година да воведе целосно енкрипција на Messenger, платформа што ја користат предаторите за регрутирање малолетници, го спречила пристапот до клучни докази за овие злосторства.

Сведоци од полицијата и Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца (NCMEC) посочија на недостатоци во системот за пријавување криминал на Мета. Според нив, преголемото потпирање на вештачката интелигенција за модерирање на содржината генерирало огромни количини „бескорисни“ извештаи, што го оневозможувало истражувањето на полицијата.

Правниот процес влегува во следната фаза на 4 мај, кога канцеларијата на државниот обвинител ќе бара дополнителни казни и судски налози за промени на платформите на Мета за „обезбедување посилна заштита за децата“. Меѓу бараните промени се воведувањето на ефикасна проверка на возраста, отстранувањето на предаторите и заштитата на малолетниците од енкриптирани комуникации што ги штитат сторителите.

На судењето беа прикажани снимени сведоштва од извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, и извршниот директор на Инстаграм, Адам Мосери, кои рекоа дека штетите како сексуална експлоатација се неизбежни на толку големи платформи. Тие, исто така, забележаа дека компанијата инвестирала милијарди во технолошки подобрувања за да ги заштити децата.

Обидите на Мета да го отфрли случајот со повикување на Член 230, федерален закон што ги штити платформите од одговорност за содржина генерирана од корисници, беа отфрлени во јуни 2024 година бидејќи тужбата се фокусираше на дизајнот на производот, а не на содржината генерирана од корисници.

Судењето траеше речиси седум недели, а поротата размислуваше околу еден ден. „Ова е голема победа за главниот обвинител на Ново Мексико. Поротата не размислуваше долго“, изјави за Гардијан Џон В. Деј, поранешен заменик-окружен обвинител.

„Ова не е изненадувачки, со оглед на силното незадоволство, страв и загриженост на јавноста за сеприсутноста на социјалните медиуми. Оваа пресуда сигурно отвора врата за многу повеќе тужби, реформи и регулативи.“ Мета се соочува и со посебна тужба во Лос Анџелес, каде што стотици семејства и училишни окрузи обвинуваат неколку технолошки платформи дека им штетат на децата.

Тужителите тврдат дека Мета, Снеп, ТикТок и Јутјуб свесно ги дизајнирале своите платформи за да создадат зависност кај младите луѓе, придонесувајќи за депресија, нарушувања во исхраната и други проблеми со менталното здравје. „Снеп“ и „ТикТок“ постигнаа спогодба, додека „Мета“ и „Јутјуб“ продолжуваат да ги оспоруваат обвиненијата.

Би можело да ве интересира

Притворен е 49-годишен маж од Тетово кој „делеше“ закани на Фејсбук

Горан Наумовски

„Гугл“ и „Фејсбук“ ќе купува струја од Македонија, најави Мицкоски

Горан Наумовски

ЕУ става крај на политичкото рекламирање на Фејсбук и Инстаграм, новите правила на сила од октомври

Предраг Петровиќ

Си рекламирале чаеви лажно користејќи имиња на лекари – Кривична за фирма и директорот

Анита Петровска Рајковиќ

Канаѓаните немаат пристап до Фејсбук и Инстаграм

Струмичанец објавил компромитирачка фотографија од поранешната вонбрачна сопруга