Како што одминува времето, има се помалку надеж за преживеаните од разорниот земјотрес во Турција и Сирија, а спасувачите имаат малку време до истекот на рокот од 72 часа, клучен да се најдат луѓе под урнатините, изјави експерт за AFP денеска. Повеќе од 90 отсто од преживеаните од земјотресот се спасуваат во првите три дена по катастрофата, изјави Илан Келман, експерт за природни катастрофи на Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL).
Тоа време може значително да варира во зависност од временските услови, зачестеноста на последователните потреси и брзината на пристигнување на спасувачите на теренот. Токму овие фактори ги намалуваат шансите за пронаоѓање преживеани во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што рано наутро во понеделникот ги погоди југоисточна Турција и северна Сирија.
Бројот на жртвите, кој се приближуваше до 12.000 мртви во средата попладне, веројатно ќе се зголеми уште повеќе кога ќе поминат 72 часа од несреќата. „Во суштина, луѓето гинат од уривање на згради“, рече Келман, кој има објавено трудови за реагирање на земјотресот. Првата задача е да им се пружи медицинска помош на луѓето кои настрадале под урнатините пред да им подлегнат на повредите, особено поради крварење.
Исклучително важна улога играат и временските услови. А тие се „навистина против нас“ во Турција и Сирија, каде што последниве два дена владее поларниот студ. „За жал, тоа значи дека луѓето можат да умрат од хипотермија“, нагласи тој. Дури и оние кои ќе успеат да го преживеат студот и повредите „ќе почнат да умираат по три до пет дена“ без вода.
„Огромното мнозинство од преживеаните беа извлечени од локалните екипи во рок од 24 часа, често користејќи ги само рацете или лопата. Десетици земји најавија дека ќе испратат спасувачки тимови, но областа погодена од земјотресот е „зона на конфликт, оддалечена и непристапна“, потсетува Келман.
Меѓународната помош станува оперативна главно по 24 часа. „Во оваа фаза, добар број луѓе кои можеа да преживеат се веќе мртви“, додаде експертот. Според него, спасувачите се уште не успеале да стигнат до некои бунтовнички области и оние со привремени сместувања за бегалците.
Кога ќе дојдат до теренот, постојат неколку начини да се најдат преживеани: користење кучиња трагачи, роботи и беспилотни летала. Мексико испраќа тим за кучиња трагачи кој е на пат за Турција. Кога ќе најдат лице под урнатините, спасувачите мора брзо да одлучат на кој начин е најдобар да ги извлечат. Понекогаш се потребни големи машини, како што се кранови, за отстранување на бетонски плочи.
Во некои случаи, потребни се ампутации за екстремитети кои се „згмечени под столб или парче ѕид“, рече професорот на UCL. На крајот, посочува тој, „успешната спасувачка операција започнува со децении пред земјотресот, со напор да се спречи колапс на инфраструктурата“.
Цената на меѓународната спасувачка операција достигнува до еден милион долари за спасен живот, рече тој. „Ако тие пари беа инвестирани во превенција од катастрофи, ова немаше да се случи“.