Кабинетот на лидерот на ирачките Курди, Масуд Барзани соопшти дека ИСИС има повеќе од 200.000 борци. Според изјавата на шефот на Барзани, Фуад Хусеин, тој број е шест пати поголем од бројот, кој што неодамна го објави ЦИА.
-Како што напредуваат и освојуваат нови територии, така нивната бројност се зголемува. Моментално контролираат подрачје на кое живеат помеѓу 10 и 12 милиони луѓе, што може да доведе до зголемување на бројот на активни џихадисти – рече Хусеин.
Тој наведе дека големиот број борци и овозможува на милитантната организација да војува на повеќе различни воени полиња.
-Тие војуваат во Кобане, а минатиот месец во Курдистан дејствуваа на седум различни локации, меѓу кои и во градот Рамади, престолнина на ирачката провинција Анбар, како и во Џалавли, град на границата со Ирак – појасни тој.
Според него претходната проценка на американските разузнавачи дека ИСИС има 31.500 борци се однесувала на тврдото јадро.
-Зборуваме за „држава“ која се базира на милитаристички и идеолошки бази. Тоа значи дека секој кој умее да користи оружје може да биде дел од неа, иако тие на сите сакаат да им ги измијат мозоците – истакна Хусеини и додаде дека ИСИС користи тенкови и тешка артилерија од американско производство, која ја заплениле во Ирак, но и руска опрема до која дошле во Сирија.
Е. Г.