Министерството за надворешни работи на Иран денеска соопшти дека добило одговор од САД во врска со „корекции“ што Техеран ги бараше за нацрт договорот за иранската нуклеарна програма, по предлог на Европската унија (ЕУ).
Според портпаролот Насер Канани, Техеран „преку координатор на ЕУ доби одговор од американската Влада во врска со иранските предлози“ за „завршниот текст“ предложен од ЕУ со цел да се обнови договорот за нуклеарната програма.
– Иран почна внимателно да ја проучува позицијата на САД и Исламската Република Иран ќе го испрати своето мислење до координаторот на ЕУ по анализа, подвлече Канани.
Во Вашингтон, Стејт Департментот брзо потврди дека американскиот одговор е испратен до ЕУ.
Од меѓународниот договор потпишан во 2015, Вашингтон се повлече во 2018 година, кога претседател беше Доналд Трамп.
Преговорите за иранската нуклеарна програма започнаа пред 16 месеци, па беа прекинати. Продолжија на почетокот од август. Целта е да се спаси договорот потпишан во Техеран од страна на петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите Нации – Кина, САД, Франција, Велика Британија, Русија – како и од Германија.
Извор: МИА