Индонезиските спасувачки екипи го прогласија завршувањето на големата операција за трагање по телата на жртвите од авионската несреќа на патничкиот авион на компанијата „Ер Азија“, што се урна во декември во Јаванско Море.
Како што информира електронското издание на весникот „Џакарта пост“, некои работи ќе продолжат уште две недели, пренесе ТАСС.
Се очекува шефот на локалната спасувачко-трагачка служба Бамбанг Соелисто да се сретне со роднините на патниците и членовите на екипажот за да ги информира за текот на спроведената операција, како и за истражните активности.
Како што претходно беше соопштено од службата, „операцијата ќе биде завршена, а роднините ќе треба тоа да го прифата“. За таа намера е информиран и претседателот на Индонезија, Јоко Видодо, кој според зборовите на претставници од националната управа за спасувачки операции, целосно се согласил со дадените предлози.
На 28 декември 2014 година авионот „А320-200“ на авиокомпанијата „Ер Азија“, што бил на летот QZ8501 од вториот по големина индонезиски град Сурабаја за Сингапур, исчезна од екраните на радарите, 40-тина минути по полетувањето, во регионот на островот Калимантан, на Борнео, во Јаванско море. Во авионот имаше 155 патници и седум членови на екипажот.