Врховниот јавен обвинител на Индонезија Тони Спонтана денеска соопшти дека на неопределено време, поради технички проблеми во затворот, е одложено извршувањето на смртната казна за 11 нарко дилери. Меѓу тие што чекаат во „редот на смртта’’ се и седум странци, двајца од Австралија и по еден од Виетнам, Холандија, Малави, Бразил и Нигерија.
Затворските власти, како што објаснил обвинителот, побарале одложување на егзекуцијата со објаснување дека во сегашните простории има место само за пет осуденици на најтешката казна. Тие, според законот треба да бидат доведени во ќелиите на смртта најмалку три дена пред извршувањето на казната.
Аналитичарите оваа одлука ја доведуваат и во врска со барањето на Австралија за помилување на двајца нејзини државјани. Апел за помилување повторно упатил и австралискиот премиер Тони Абот, кој за разлика од поранешниот став дека егзекуцијата нема да влијае на односите меѓу двете држави во последниот апел најави и заладување на односите. На заладување на односите предупреди и министерката за надворешни работи на Австралија Џули Бишоп, која изјави дека над милион Aвстралијци кои годишно како туристи претстојуваат во Индонезија ќе ги бојкотираат одморалиштата на Бали и други туристички дестинации во соседната држава.