Имигрантите од ЕУ придонеле за британската економија со околу пет милијарди фунти

Од:

Имигрантите од десете нови земји-членки на ЕУ, кои се приклучија на Унијата на 1 мај 2004 година, многу повеќе придонеле за британската економија, отколку што трошеле средства од домашните јавни фодови и за социјалните бенифиции, покажува најновото истражување на Центарот за анализа на миграцијата при лондонскиот Универзитет Кингс Колеџ.

Истражувањето открива дека низ плаќањето данок и низ процесот на оданочувањето, имигрантите од новите членки на ЕУ во најголем број од земјите од Источна Европа, во изминатите десет години во буџетот на Велика Британија внеле 4,9 милијарди фунти. Овој придонес на имигрантите е значително поголем од буџетските средства што овие луѓе ги потрошиле за социјалните и општествени потреби, какви што се користењето на услугите на јавното здравство или образованието.

Авторите на анализата објаснуваат дека тие ги земале предвид сите движења на цените и растот на трошоците кај јавниот сектор и правеле реавалоризација на средставта, во настојувањето да се дојде до што пореална претстава за вредноста или штетата од имигрантите во британската економија.

Доколку не работевме на овој начин, тогаш ќе се покажеше дека придонесот на имигрантите од земјите какви што се Полска, Чешка или Унгарија за домашната економија ќе беше двојно поголем и ќе изнесуваше повеќе од 10 милијарди фунти, изјави еден од авторите на студијата.

Ваквото откритие на аналитичарите од Кингс Колеџ доаѓа во време на засилена антимигрантска реторика во британската јавност и расправија на официјален Лондон со ЕУ и со Брисел, околу слободното движење на работата сила,во границите на Унијата.

Владата на премиерот Дејвид Камерон, во која доминираат неговите конзервативци, инсистира на воведување квота за влез на имигрантите од ЕУ во Велика Британија, притисната од ториевските евроскептици и од растот на анти-ЕУ Партијата на независноста на Обединетото Кралство (УКИП).

Премиерот Камерон најави нови преговори со Брисел околу враќањето на овластувањата што веќе и се префрлени на ЕУ, како и организирање референдум за напуштање или останување во Унијата, но како се приближува времето за одржување на парламентарните избори во мај 2015 година антиевропската и антиимигрантската атмосфера се повеќе се подгрева.

Проконзервативната антимигрантска група „Имигрејшн Воч“ ја осуди анализата на Кингс Колеџ тврдејќи дека таа е „селективно правена“. Раководителот на групата Ендрју Грин тврди дека ако се додаде и имиграцијата до 2001 година, излегува дека во последните 17 години, Велика Британија повеќе потрошила, отколку што имала полза од имигрантите од ЕУ.

Би можело да ве интересира

Орбан: Закован е уште еден клинец во ковчегот на Европската унија

Група од 29 мигранти се спасени од брод во близина на брегот на Крит во Средоземното Море

(ВИДЕО) Пресметка меѓу мигрантите и Националната гарда на Тексас кај Ел Пасо

(ВИДЕО) Уапсена е банда која криумчарела мигранти

Бојмацалиев: Намалена илегална миграција за 50 отсто

Приведен криумчар на мигранти: Бегал од полиција, удрил во канделабра

А1он