Илјадници лица протестираа во центарот на главниот град на Перу, Лима со повик до учесниците на меѓународната конференција за климата организирана од Обединетите нации да договорат глобална спогодба за заштита на планетата од заканата од глобално затоплување.
Најголемиот број од учесниците во протестите се од Бразил, Еквадор и Боливија. Тие бараат нивните влади да ги заштитат природните ресурси во земјите.
Во демонстрациите учествуваат студенти, еколози, службеници, работници, претставици на локалните племиња.
Конференцијата за климата почна на 1. декември и со неа треба да бидат поставени основите за постигнување до крајот на следната година на глобална спогодба за намалување на емисијата на штетни гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, која ќе стапи во сила во 2020 година.