Илјадници припадници на верското малцинство јазиди, кои побегнаа од екстремистите на „Исламска држава“ на планината Синџар во северен Ирак, успеаја во изминатите три дена да избегаат оттаму со помош на „курдските безбедносни и други сили“, соопшти синоќа висок претставник на Обединетите нации.
Киран Двајер, портпарол на Канцеларијата за координација на хуманитарните работи на ОН, одби да прецизира за кои „други сили“ станува збор, туку само рече дека „различни актери вложиле големи напори да ги извлечат јазидите од планината Синџар“.
САД и Велика Британија изминатите денови од воздух доставуваа помош за илјадници лица, кои биле заробени во планината долж сириската граница, додека американските авиони бомбардираа позиции на припадници на „Исламска држава“, во првата воена акција на САД во Ирак од 2011 година.
Јазидите, кои припаѓаат на древна верска групација од предисламскиот период, се засолнија на Синџар минатата недела, но таму беа блокирани од џихадистите, кои јазидите ги нарекуваат „обожаватели на ѓаволот“.
Изминатите 72 часа илјадници од нив со помош на курдските сили успеале да се спуштат од Синџар во Сирија, изјави Двајер.
Кога ќе пристигнат во Сирија, јазидите ги чекаат „само уште седум часови одење пеш“ низ таа земја, пред повторно да се најдат на безбедна територија во ирачки Курдистан. Тој пат, според информациите на ОН, изминатите три дена го поминале 31 илјада лица.
Мисијата на ОН во Ирак објави дека подготвува хуманитарен коридор со цел на јазидите, кои се уште се на Синџар да им помогне да побегнат.