Илјадници христијани од целиот свет се собраа во Витлеем за прослава на Божик на местото каде е роден Исус Христос. Во градот владее празнична атмосфера. Оркестри свират на накитени улици, црковен хор е на плоштадот и пее божикни песни, деца се облечени во костими од Дедо Мраз, а поставена е елка висока 17 метри.
Верници од целиот свет се на улиците на градот, пејат песни и посетуваат цркви. Полноќната миса беше одржана во Црквата Света Катарина, која е покрај Црквата на Христовото раѓање од 4 век.
Повеќе стотици христијани го дочекаа ерусалимскиот патријарх Фуад Твал на Плоштадот Мангер пред црквата на Христовото раѓање. Твал во божикната порака рече дека патот до вистинска слобода и понатаму е долг, но оваа година празниците се двојно поголеми – се слави „раѓањето на Исус и раѓањето на државата Палестина“.
Ова е прва прослава на Божик во Витлеем откако тој град беше прогласен за културно наследство и откако Палестина е призната како држава набљудувач во ОН. Витлеем во кој живеат околу 22.000 Палестинци лани за Божик го посетија околу 100.000 луѓе, најмногу во изминатите децении.
Папата Бенедикт Шеснаесетти на синоќешната миса во пресрет на Божик апелираше да се најде решение за арапско-израелскиот судир и војната во Сирија.
Папата апелираше до сите луѓе „да пронајдат место за Бог во своите брзи животи“.
Бенедикт Шеснаесетти мисата ја служеше синоќа во базиликата „Свети Петар“ пред околу 10.000 луѓе – туристи, Италијанци и други верници, а настанот милиони луѓе можеа да го следат во живот преку телевизиите.
Поглаварот на околу 1,2 милијарди римокатолици истакна дека општествата достигнале точка кога во размислувањето на многумина нема простор дури ниту за постоење за Бог.
– Сакаме она што можеме да го фатиме, сакаме среќа која е на дофат на рацете… Толку сме „полни“ со себе што немаме место за Бог, рече Папата, истакнувајќи дека оние кои немаат место за Бог во својот живот, наскоро нема да имаат место ниту за други.
Тој им рече на насобраните верници да се помолат за оние кои денеска „живеат и страдаат“ во Светата земја и повика на мир меѓу Израелците и Палестинците и народот на Сирија, Либан и Ирак, како и мирен соживот на христијаните и муслиманите.
Церемонијата почна во 22 часот наместо на полноќ, како што некогаш беше вообичаено, бидејќи Ватикан пред неколку години го измени распоредот на мисата за да поглаварот на Црквата се одмори пред говорот на Божиќ од централниот балкон на базиликата.