Илјада милијарди долари за нуклеарен арсенал

Од:

За време на претседател нобеловец за мир, Америка покрена најмодерни фабрики за производство на бомби

И покрај тоа што Барак Обама последните шест години зборува за својата визија, свет без нуклеарно оружје, САД вложуваат милијарди долари во обновување на своите нуклеарни капацитети, пишува Њујорк тајмс откривајќи дека Америка за овие цели во следните 30 години може да потроши дури билион долари.

Модернизацијата на стариот и изградба на нов нуклеарен арсенал во САД е во тек, иако претседателот Обама во 2009 година со тогашниот руски претседател Дмитриј Медведев потпиша договор Нов СТАРТ. Според тој договот, двете земји се обврзаа дека ќе го намалат бројот на распоредени нуклеарни боеви глави на 1.550. Истата година шефот на Белата куќа доби и Нобелова награда за мир која меѓу другото му беше доделена и поради обидите нуклеарно да го разоружи светот.

Сепак, за да ги придобие републиканците кои не сакаат да го прифатат договорот со Москва, Обама во 2010 година вети 84 милијарди долари за 10 годишно реновирање на нуклеарното оружје.

Потоа договорот беше ратификуван, но трошоците излегоа многу поголеми и според новите проценки на Кабинетот за буџет во Конгресот, САД на осовременување на оружјето, магацините и лабораториите во следните години ќе потроши 355 милијарди долари. Министерството за енергија има намера оваа година на нуклеарниот развој да потроши 11 милијарди долари, што значи дека администрацијата на Обама за оваа цел годишно троши повеќе од што се трошело во текот на Втората светска војна или студената војна.

Гери Сејмор, предавач на Харвард и советник за нуклеарна политика на Белата куќа во текот на првиот мандат, проценува дека САД не се откажуваат од инвестиции во нуклеарни капацитети меѓу другото и поради состојбата во Украина. Неговите колеги додаваат дека значајна улога игра и стравот од се помоќната Кина и Пакистан кои постојано го шират својот арсенал.

Истражувањето на Њујорк тајмс покажа дека политиката на Вашингтон претставува двојна опасност: од една страна владата инвестира во нови капацитети, а од друга го намалува буџетот наменет за осигурување на стариот нуклеарен материјал ширум светот. Нуклеарното оружје е сместено на 98 локации во 14 земји, при што многу постројки и лаборатории се наоѓаат во САД и Русија. Уште 25 земји поседуваат нуклеарен и радиолошки материјал потребен за правење на бомби, при што тој некаде може да падне во рацете на терористите. Како што јави Вашингтон пост, Пакистан е посебно непредвидлив бидејќи десетина исламистички милитантни групи во еден момент можат да дојдат со ова оружје.

Истражувањето на весникот од Менхетен ја потврди студијата на Меѓународниот институт во Стокхолм за истражување на мирот, во која пред неколку месеци се тврдеше дека САД и Русија постојано ги обновуваат нуклеарните капацитети иако со години го намалуваат бројот на нуклеарните боеви глави, на што до 2021 година ги обврзува и наведениот договор Нов СТАРТ. Шведските експерти дојдоа и до податоци дека Русија покрај модернизацијата на стратешките нуклеарни сили и за 10 години ќе ги отстрани сите меѓуконтинентални балистички ракети од советската ера.

До слични податоци стигна и вашингтонскиот Центар за непролиферација на оружје кој истакна дека САД имаат намера да градат нуклеарни подморници, стратешки бомбардери и меѓуконтинентални балистички ракети. Поради тоа, тврдеше центарот, процентот на БДП одвоен за воени цели ќе биде споредлив со тој од времето на претседателот Роналд Реган во ек на студената војна.

Така во ерата на Обама почна големо подготвување на локации за складирање и производство на нуклеарно оружје што, како што заклучува Њујорк тајмс, е уште едно разочарувачко откажување на Обама од политиката која му донесе титула на миротворец.

Политика – Белград

Би можело да ве интересира

Три лица загинаа во авионска несреќа во САД

(ВИДЕО) Нова драма во САД: Брод удри во мост, се излеа нафта, спасувачките служби го блокираа сообраќајот

Горан Наумовски

Волстрит порасна, но инфлацијата во САД не се намалува

САД се длабоко вознемирени од грузискиот закон за странски агенти

ВИДЕО: Девојче во САД злоставувано до смрт, таткот и маќеата ја држеле врзана во подрум

Катерина Ѓуровски

Израел: Одлуката на Бајден за оружјето испраќа погрешна порака до Хамас