Групата „Исламска држава“ повторно се закани дека ќе ги егзекутира либанските војници, што со месеци ги држи како заложници.
Портпарол на џихадистичката група во објавен видео запис повторно упати закана. На снимката тројца мажи во сина униформа се ставени на колена пред тројца борци на ИД, кои држат ножеви. Двајца од џихадистите се со откриени лица, а третиот носи униформа и црна качулка.
Видеото е објавено од салфистот шеик Усам ал Масри, кој е последниот засега посредник за ослободување на 25 либански војници и полицајци, киднапирани на почетокот на август од ИД и сирискиот клон на Ал Каеда „Фронт ан Нусра“. Досега се егзекутирани четворица заложници.
Мажот со качулка на француски јазик ги обвинува тројца либански политичари, поранешниот претседател Саад Харири, лидерот Валид Џумблат и христијанскиот лидер Самир Жажа дека ја претвориле либанската армија во марионета во рацете на шиитски „Хезболах“. ИД е во војна со Хезболах, што се меша во работите на муслиманите во Сирија, нагласува исламистот.
Жажа, Харири и Џумблат се непријателски настроени кон режимот во Дамаск и го критикуваат мешањето на Хезболах. Сепак ИД ги обвинува дека соработуваат со Хезболах.