Претседателката на Меѓународната кампања за забрана на нуклеарно оружје (ИЦАН), Беатрис Фин, која што оваа година ја освои Нобеловата награда за мир изјави дека додека постојат атомски бомби, катастрофата е неизбежна.
– Токму сега ние сме соочени со недвосмислен избор: искоренување на нуклеарното оружје или искоренување на самите нас, рече Беатрис Фин на прес-конференција во норвешкиот Нобелов комитет во Осло, каде утре ќе ја добие престижната награда.
Според неа ризикот од нуклеарна војна се зголемил во изминатата година и таа ги повика лидерите на Северна Кореја и САД да прекинат со опасната реторика.
– Престанете да се заканувате со употреба на оружје за масовно уништување и започнете да преговарате за дипломатско решение, рече таа.
Ниту една нуклеарна сила не е потписник на меѓународниот договор за забрана на нуклеарното оружје, кој што беше потпишан минатата година. Досега 53 земји го имаат потпишано истиот, а ратификуван е само во три. За стапување во сила договорот бара 50 потписи.
Трите западни нуклеарни сили – САД, Велика Британија и Франција – не испратија свои претставници во Осло за утрешната церемонија на доделување на Нобеловата награда.
Јапонката Сацуко Турлоу, која ја преживе атомската бомба фрлена врз Хирошима, и која утре ќе ја прими наградата заедно со Беатрис Фин, истакна дека „не е премногу изненадена” од овој дипломатски бојкот на церемонијата.
– Тоа не е првпат да се однесуваат на овој начин. Тие се обидоа на многу различни начини да го саботираат, да го дискредитираат она што ние го правиме, додаде таа.
И таа ги повика лидерите на Северна Кореја и на САД да изјават дека никогаш нема да користат нуклеарно оружје бидејќи според Турлоу дипоматското решение за кризата околу Корејскиот Полустров преку преговори е единствениот можен излез.
ИЦАН е невладина организација која опфаќа над 430 локални и регионални организации од повеќе од 100 земји. Таа беше иницијатор и движечка сила за потпишување на меѓународен договор за забрана на нуклеарно оружје.
На прес-конференцијата, Фин истакна дека премијата од Нобеловата награда (околу 1,1 милиони долари), ќе биде искористена за креирање на нова организација со името „Фонд илјада денови”, која во наредните три години ќе работи на тоа, сите земји во светот да ја потпишат и ратификуваат Конвенцијата за нуклеарно оружје.