Иако избега од Сана, Хади се уште се смета за претседател на Јемен

Од:

Јеменскиот лидер Абдураби Мансур Хади, кој минатиот месец поднесе оставка на функцијата претседател на Јемен и вчера избега во јужниот дел од земјата, изјави дека се нелегитимни сите дејствија што се преземени откако шиитските бунтовници во септември ја зазедоа престолнината Сана, напоменувајќи дека ќе се обиде да се врати на власта и функцијата,
пренесоа американските медиуми.

Овој чекор ги зголемува стравувањата за регионалната поделба и идната нестабилност на најсиромашната арапска земја во светот, каде е активна моќна ќелија на Ал Каеда, посочуваат светските агенции.

Бунтовниците од племето Хуси ја контролираат Сана и неколку други големи градови, додека јужниот дел на земјата е надвор од нивно владеење.

Во соопштението потпишано од „претседателот на републиката“ и издадено од јужниот пристанишен град Аден, Хади повика на национален дијалог што би се оддржал во овој или градот Таиз, што исто така не е под контрола на Хусите. Хади, исто така, побара бунтовниците да ја напуштат Сана.

Хади ги повика армијата и силите за безбедност да го поддржат и побара од Хусите да ги ослободат членовите на неговиот поранешен кабинет, кои сега се во домашен притвор во Сана.

Извор од неговиот кабинет, кој посака да остане анонимен, изјави дека претседателот Хади поднел оставка во „неприродна ситуација“, додека бил под домашен притвор.

Хади вчера ја напушти Сана, откако бунтовниците веќе неколку недели ја имаа опколено неговата резиденција, а го ослободија под меѓународен и внатрешен притисок, изјавија советници на Хади.

Бунтовниците подоцна соопштија дека  тој всушност избегал од главниот град.

Борците од племето Хуси вчера се обидоа да заземат база на специјалните единици што се наоѓа надвор од главниот град, влегувајќи во престрелка со војниците, кои во поголем дел му се лојални на претходникот на Хади – експретседателот Салех. Во престрелката загинале три лица, соопштија безбедносните сили.

Илјадници луѓе вчера демонстрираа во провинцијата Иб за поддршка на Хади и притоа ги повикаа Хусите да го напуштат регионот и да  престанат да се мешаат во внатрешните работи на земјата. Хусите  отвориле оган и убиле еден демонстрант, а други двајца биле ранети, соопштија извори од силите за безбедност, кои побарале анонимност.

Би можело да ве интересира

Жесток напад на САД и Британија на неколку градови во Јемен, има мртви

Катерина Ѓуровски

САД и Велика Британија започнаа нови напади врз Хутите во Јемен

(ВИДЕО) Иран ги трие рацете; Хутите ја запленија американската „жолта направа“

Нови напади во Јемен, експлозија во Црвеното Море: Погоден американски брод

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Одмазда за погодениот танкер: американско-британски воздушен напад врз важно пристаниште во Јемен

Јеменските бунтовници се заканија: Американските и британските воздушни напади „нема да останат без одговор“