Холандија забрани летови од Индија поради новата мутација на Ковид-19

Од:

Холандија од денеска забранува летови за патници од Индија. Ограничувањето ќе трае до 1 мај, поради стравувањата дека новата мутација на Ковид-19 ќе се прошири низ Европа. Забраната не влијае на товарните летови и на превозот на медицински персонал, соопшти холандското Министерство за транспорт.

Велика Британија во петокот потврди 100 случаи на коронавирус со индиската мутација. Забранет е влез во земјата на индиски граѓани кои немаат британски пасоши и постојан престој на островот.

Австралија исто така најави дека ќе ги ограничи директните летови од Индија за 30 отсто и ќе го ограничи бројот на нејзините граѓани кои можат да се вратат во земјата.

Европската комисија препорача земјите-членки да воведат мерки во врска со повеќе тестирања и построг карантин за патници од земји со висок ризик од коронавирус. Сепак, одлуките за ограничувања на движењето се прашање на национална надлежност. Во петокот, Комисијата соопшти дека нема докази за зголемен ризик од заболување и вакцинирање како резултат на инфекција со „индиската“ варијанта на вирусот.

Инфекцијата со коронавирус во Индија денеска е на рекордно високо ниво, петти ден по ред, а земјите меѓу кои Велика Британија, Германија и САД ветија дека ќе испратат итна медицинска помош за да и помогнат на земјата да се справи со кризата која ги преполни болниците.

Бројот на заразени во изминатите 24 часа се зголеми на 352.991, додека преполните болници во Њу Делхи и на други места одбиваат пациенти откако им снема медицински резерви на кислород и кревети.

– Во моментов, болниците се во екстремна кризна ситуација, изјави портпаролот на болницата Сер Гинга Рам во главниот град на Њу Делхи.

Премиерот Нарендра Моди ги повика синоќа сите граѓани да се вакцинираат и да бидат внимателни, додека болниците и лекарите испратија итни предупредувања дека не можат да се справат со приливот на пациенти.

Во некои од најпогодените градови, вклучувајќи го и Њу Делхи, телата масовно се палат во импровизирани крематориуми. Телевизискиот канал НДТВ прикажа слики на тројца здравствени работници во сојузната држава Бихар на истокот од земјата, како влечат тело по земја на пат кон кремирање, во отсуство на носила.

– Ако никогаш не сте биле на кремирање, мирисот на смртта никогаш не ве напушта, објави на Твитер, Випин Наранг, професор по политички науки на Институтот за технологија на Американскиот универзитет во Масачусетс (МИТ).

Претседателот Џо Бајден изјави дека САД ќе испратат суровини за вакцини, медицинска и заштитна опрема во Индија. Германија се приклучи на листата на земји кои ветија дека ќе испратат залихи.

Индија, со население од 1,3 милијарди луѓе, има вкупно 17,31 милиони заразени случаи и 195.123 починати, по смртта на 2.812 лица во текот на ноќта, покажаа бројките на Министерството за здравство, иако здравствените експерти велат дека бројот на починати најверојатно ќе биде поголем.

Политичарите, особено Моди, се соочуваат со критики за одржување митинзи на кои присуствуваа илјадници луѓе, и покрај катастрофалниот втор бран на зараза.

Неколку градови воведоа полициски час, додека полицијата е со посебни насоки за да обезбеди социјално растојание и да носи маски. Сепак, околу 8,6 милиони гласачи се очекува да излезат на гласање во Западен Бенгал денеска, во претпоследниот дел од изборите во осум фази, кои завршуваат оваа недела.

Гласањето на локалните избори во другите делови на Индија ќе се одржи и во најнаселената држава Утар Прадеш, каде има околу 30.000 заразени дневно.

Би можело да ве интересира

Расте бројот на заразени во Лисабон, викендов никој не смее ни да влезе, ни да излезе од градот

Жарко Настоски

Коронавирусот нагло почна пак да се шири во Москва, градоначалникот се сомнева во нова мутација

Жарко Настоски

Актерот Славко Штимац е во болница, има Ковид-19 и пневмонија

Жарко Настоски

СЗО: Tретиот бран на пандемијата ќе удри пожестоко врз Африка

Жарко Настоски

Над 600.000 луѓе во САД досега починаа од Ковид-19

Жарко Настоски

Словенците прогласија крај на епидемијата, ама мерките и натаму ќе важат

Жарко Настоски