Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Нави Пилај денеска упати апел до екстремистичката исламистичка организација Хамас, која управува со Појасот Газа, да ги запре егзекуциите на затворениците, бидејќи тие се спроведуваат без фер судење.
Таа наведе дека според меѓународното право смртната казна може да биде извршена дури по фер судење, што „во моментот не е можно во Појасот Газа, ниту правно, ниту во пракса“.
Пилај посочи дека е сериозно загрижена поради наводното лошо однесување и мачење за време на испитувањето на затворениците, кои подоцна се осудени на смрт.
Последното такво погубување беше извршено во Појасот Газа во јуни.
Организацијата „Амнести интернешнл“ предупреди дека Хамас планира јавно да егзекутира двајца затвореници.