Гватемалската морнарица го зароби бродот на холандската група за женски права „Жени на брановите“ на кој , во меѓународни води, беа извршувани абортуси на Гватемалки, јави Би-Би-Си.
Оваа холандска хуманитарна и непрофитна група, бесплатно, им помагаше на девојките и младите жени од Гватемала да ја прекинат бременоста.
Во сите земји од Централна Америка, како и во речиси сите земји од овој дел од светот, под притисок на католичката црква, абортусот е забранет, освен во ситуации кога бременоста го доведува во опасност животот на жената.
Во соопштението на армискиот врв се вели дека за операцијата добиле налог од гватемалскиот преседател Џими Моралес, за чија одлука се вели дека имала за цел да го одбрани „правото на живот“ ( на фетусот), како и да ги заштите законите во земјата.
Постапката против „бродот за абортуси“ како што е наречен во домашната јавност, била поттикната од католичката црква , како и од кампањата на конзервативните пратеници кои барале од владата да интервенира против „бродот на смртта“.
Малиот брод сега е укотвен во гватемалското пристаниште Сан Хозе и според домашните медиуми, мали се шансите бродот да им биде вратен на хуманитарната група, за да исплови од Гватемела.
Бродот впловил во гватемалските води, затоа што претходно имал добиено дозвола од властите.
Преставникот на групата, Летиција Зевич изјавила за локалниот весник „Ла Хора“ дека „Жени на брановите„ ги почитуваат религијата и верските уверувања, но дека во овој случај станува збор за демократските слободи.
Секоја година, во Гватемала се смета дека се извршуваат по околу 60 илјади илегални абортуси, сите со голем ризик за животите на жените.