Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска изјави дека Обединетите нации соработуваат со САД и Европската Унија за надминување на одредени пречки, што треба да овозможат руската храна и ѓубриво да стигнат до светските пазари.
– Извозот на поголеми количини храна и ѓубрива од Украина и од Русија е клучен за дополнително смирување на пазарите на суровини и постигнување пониски цени за потрошувачите, посочи Гутереш.
Тој, при посетата на Координативниот центар за надзор на извозот во Истанбул, истакна дека во согласност со договорот, постигнат минатиот месец во Турција со посредство на ОН за продолжување на извозот на украинското жито, веќе се извезени повеќе од 650.000 метрички тони жито и друга храна.
– Се соочуваме со голем број пречки и тешкотии што треба да ги надминеме кога станува збор за превозот, обезбедувањето и финансиите, наведе Гутереш на заедничката прес-конференцијата со турскиот министер за одбрана Хулуси Акар.
Пред руската инвазија на 24 февруари, Русија и Украина сочинуваа една третина од светскиот извоз на пченица. Русија е исто така голем извозник на вештачки ѓубрива.
Извор: МИА