Тренинг камп на групата Исламска држава (ИД) во сириската провинција Рака се специјализирал за обука на деца под 16-годишна возраст за бомбаши-самоубијци во Сирија, објави лондонскиот весник „Дејли телеграф“, повикувајќи се на свои извори.
– Сметаме дека во кампот има меѓу 200 и 300 деца, изјави Ибрахим ал Ракави, сириски активист, кој ја следи активноста на ИД во Рака.
Во истоимениот град Рака, борците на ИД често пати оддржуваат „детски фестивали“ во рамки на својата кампања за привлекување млади луѓе во тренинг камповите, пишува „Дејли телеграф“.
Камповите се претставуваат како „детски извиднички клубови“, каде на родителите им се кажува дека нивните деца ќе го изучуваат Коранот. Но, штом децата пристигнат во кампот „Аш Шарија“, џихадистите почнуваат да ги обучуваат на борбена тактика, вклучувајќи и самоубиствени напади и им ги „перат мозоците“ со идеологијата на групата, посочи Ракави.
Некои од момчињата, кои го посетуваат кампот, се синови на странски борци, кои се префрлиле во Рака, како и на локални приврзаници на ИД.
– Во некои случаи, меѓутоа, се знае дека ИД грабнува деца, врбувајќи ги за кампот без знаење и согласност на нивните родители, вели Ракави.
Децата прво се обучуваат за користење на автомати „Калашников“ и рачни противтенковски фрлачи на гранати. Потоа, како што се тврди, тие се делат во одделни групи – некои се обучувани за бомбаши-самоубијци, а други за редовни борци. Потоа, според Ракави, пред да го напуштат кампот, децата се принудувани да ги применат своите нови знаења во конкретни акции, измачувајќи или „убивајќи заробеник на ИД“.
Ракави своите тврдења ги поткрепи со снимки на деца кои држат автомати и учествуваат во борбени тренинзи, што му биле дадени од борец на ИД во кампот.
Приказната на Ракави се поклопува со информацијата, што на „Дејли телеграф“ му била дадена од други жители на Рака и од видео кадрите објавени на ЈуТјуб, на кои борци на ИД учат мали деца на својата идеологија, забележува весникот.
– Застрашувачки е да видите како овие деца за кратко време се менуваат, изјави Ракави.