Исламска држава во Ирак и Левантот која контролира региони во Сирија и во Ирак, побара од активистите во сириската провинција Деир ал Зур да дадат заклетва за верност пред организацијата и да се подложат на цензура.
Според Сирискиот центар за права на човекот базиран во Лондон, исламистичката група ги вовела тие правила по средба одржана во вторникот со активисти кои се занимаваат со медиумска дејност.
Меѓународни медиуми немаат речиси никакво присуство во Сирија и се потпираат на активисти и други извори за информирање за случувањата во државата. Исламска држава побарала од активистите да го признаат халифатот во Сирија и Ирак.
Исламска држава забранила активистите да работат непосредно за телевизиски канали. Секакви инсерти или писмен материјал треба да биде одобрен од нивниот Информативен оддел пред да биде објавен.