Медицинските истражувачи објавија интересни, дури и револуционерни достигнувања постигнати во текот на 2014 година, во областа на технологијата за помош на пациенти кои болуваат од разни болести и повреди. Овие се некои од најважните успеси во оваа област.
Машини за магнетна резонанца т.н. МРИ скенери, се во употреба уште од 80-тите, но до сега можеа само да прават снимки на неподвижни работи. Оваа година, истражувачите од Калифорнија во универзитетот Дејвис, најдоа начин да направат и снимки на делови во телото во движење.
Хирургот-ортопед Роберт Сабо веќе користи таков скенер, наречен активен МРИ.
– Разбираме зошто кај некои се равива нестабилност во зглобовите, зошто некој друг има болки и зошто е оштетена површината во одреден дел од зглобот и како можеме да го замениме да направиме подобар производ или да го исправиме мекото ткиво за да го подобриме животот на пациентот.
Тешките повреди на сржта во рбетот обично предизвикуваат целосно губење на контролата над долните екстремитети, бешиката, цревата и сексуалните функции. Научниците на универзитетот во Ливилу во Кентаки со помош на електрични импланти помагаат на пациентите да вратат барем дел од тие функции.
Доктор Родерик Петигру од Националниот институт за здравство вели дека повредата на кичмата повеќе не мора да значи доживотна парализа.
– Тоа што денес овие четири лица можат своеволно да прават движења и да ги контолираат нозете и другите функции како бешиката и цревата, тоа е многу возбудливо. Тоа е пресврт во медицината.
Истражувачите од технолошкиот Институт Чалмерс во Гетеборг во Шведска исто така продолжија дополнително да ги развиваат мозочните импланти, со чија помош корисник на вештачка рака или дланка чувствува сензација како да се вистински.
А Медтроник корпорацијата во САД користеше електрична стимулација на мозокот за намалување на симптомите на Паркинсоновата болест.
Пациентот Дејвид Дуснеп вели дека пред имплантот не можел ни на куса прошетка.
– Тоа ме врати во живот. Оваа процедура за мене е фантастична. Бидејќи не сте ме виделе претходно, не можете да разберете како тоа изгледаше. Левата страна на моето тело беше неупотреблива.
Научниците оваа година исто така стигнаа блиску до исполнувањето на ветувањето дека матичните клетки еден ден ќе помогнат при регенерација на оштетено ткиво. Научниците од медицинското училиште при Универзитетот во Питсбург соопштија дека на некои тешко повредени пациенти пораснало ново мускулно ткиво и тоа благодарение на матични клетки кои биле развивани на површина направена од свинска бешика.
3-Д печатарите оваа година исто така се покажаа како исклучително корисни во медицински цели. Кинеските лекари отпечатија замена за рбетен столб на еден тешко повреден тинејџер. Директорот на ортопедија на Пекиншкиот Универзитет, др. Лиу Жонгжунг кој го води хируршкиот тим, истакна дека тродимензионалното печатење е голема предност за вештачките импланти.
– Можеме да користиме иконографски тестови на пациенти како ЦТ скенерите, потоа и тие информации да ги претвориме во податоци за 3Д печатар за да направиме внатрешни зацврстувања со идентична структура како што е структурата на коските на пациентот.
По цел овој ветувачки развој во медицинската технологија оваа година, 2015 може да биде година на уште поголеми промени на ова важно поле.
Гласот на Америка – Вашингтон