Германија и минатата година беше убедливо најголемиот нето-придонесувач во буџетот на Европската Унија, уплатувајќи 14,9 милијарди евра повеќе отколку што добила од него, покажува студија на германскиот Економски институт (IW), до која „Ројтерс“ имал увид.
Според резултатите од студијата, нето-придонесот на Германија бил за 1,8 милијарди евра поголем во споредба со 2024 година, кога изнесувал 13,1 милијарда евра.
На второто место според вкупниот нето-придонес е Франција со околу 5,4 милијарди евра, а на третото Италија со 3,3 милијарди евра.
Кога се анализира нето-придонесот по глава на жител, на првото место е Холандија со 179 евра, непосредно пред Германија, чиј придонес изнесувал 178 евра по жител.
Во однос на бруто-домашниот производ (БДП), Германија повторно била најголемиот нето-придонесувач, со удел од 0,32 отсто. Следуваат Холандија со 0,28 отсто и Шведска со 0,21 отсто.
Од друга страна, Полска била најголемиот нето-примател на средства од буџетот на ЕУ, со 6,7 милијарди евра, додека Романија е на второто место со 5,9 милијарди евра, се наведува во студијата на IW.
Лидерите на Европската Унија во четврток и петок ќе одржат специјален самит на кој ќе разговараат за буџетот на Унијата за периодот од 2028 до 2034 година.
