Германија и Франција со „контра удар“ на барањата на Дејвид Камерон

Од:

Германија и Франција договориле „пакт“ за изведување „контра удар“ на барањата на Велика Британија и премиерот Дејвид Камерон за ревизија на Договорот од Лисабон и за враќање на овластувањата што веќе им се префрлени на ЕУ и на Брисел, тврдат лондонските весници.

Според замислата на овој „германско-француски пакт“, Берлин и Париз настојуваат да се создаде уште поцврста унија меѓу земјите од еврозоната, без притоа да се направи преразгледување на Лисабонската спогодба, онака како што тоа го бара Камерон.

Лондонските медиуми тврдат дека земјите-чланки на ЕУ, како и високи европски функционери во Брисел, постојано повторуваат оти не се подготвени уште еднаш да се разгледува Лисабонскиот договор, што тие го сметаат како основен уставен документ на Унијата.

Иницијативата на Германија и Франција значи дефинитивно затворање на вратата за нови преговори околу „оснивниот документ“, што ја прави работата на Камерон речиси невозможна и однапред осудена на неуспех.

Британски експерти за европски прашања оценуваат дека сите во ЕУ зборуваат за потребата од рефирми, но работите се усложнуваат кога ќе се увиди дека сите на тоа гледаат на различен начин, затоа што сите немаат исти позиции околу тоа што и како треба да се реформира.

Тврдењето на медиумите за „тајниот пакт“ меѓу Берлин и Париз се појавуваат само дванесетина часови по средбата на Камерон со претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, околу британските планови за реформирање на Унијата и за нови британско-европски преговори.

Британскиот премиер оваа недела најави средби со петмина политички лидери од ЕУ, меѓу кои и со францускиот претседател Франсоа Оланд и германскиот канцелар Ангела Меркел, а средбите со главните британски европски партнери ќе се одржат во моменти кога медиумите во Лондон ги обвинуваат Париз и Берлин дека сакаат на „прикриен начин“ да истуркаат уште поцврста интеграција во еврозоната.

Проконзервативниот „Дејли Меил“ прашува зошто во вакви услови Камерон „толку многу брза“ да го среди европското прашање на Велика Британија.

– За било какво враќање на овластувањата од Брисел, потребна е согласнст на сите други 27 земји-членки на ЕУ, пишува овој весник и забележува дека е „сосема нереално“ да се мисли дека целата таа работа ќе може да се заврши за неколку месеци.

Весникот и другите лондонски медиуми објаснување за брзањето, наоѓаат во засега необелоденетата намера на Владата во Лондон, референдумот за останување или за напуштање на ЕУ да се спроведе многу порано од првичната најава – до крајот на 2017 година.

Би можело да ве интересира

Германија стравува дека утре ќе избијат немири, илјадници полицајци пристигнуваат во Берлин

Меѓународниот суд на правдата нема да и наложи на Германија да го запре извозот на оружје за Израел

Горан Наумовски

Русин со нож усмрти двајца Украинци во Германија

Младо момче најавило самоубиствен напад за време на Олимписките игри во Париз

Првиот германски разузнавач: И Русите се подготвени за саботажа

Горан Наумовски

Франција ќе ја зголеми безбедноста пред синагогите и верските училишта