Иранскиот заменик министер за надворешни работи за правни и меѓународни прашања, Казем Гарибабади изјави дека земјата нема да чека прво да нападнат Соединетите Американски Држави (САД).
Според него, САД можеби се обидуваат да купат време со злоупотреба на дипломатијата со цел да подготват терен за нов напад, објави новинската агенција Фарс.
– Иран не е Куба, која може да се држи под блокада, ниту пак е Венецуела, која може да се принуди на капитулација, изјави Гарибабади.
Тој истакна дека американските сили досега не успеале во спроведувањето ниту на воздушна, ниту на копнена блокада на Иран, додека Револуционерната гарда (ИРГЦ) во моментов произведува ракети со нови дострели.
Американскиот претседател Доналд Трамп им соопштил на своите советници дека ќе се воздржи од напад врз Иран, под услов САД да не се соочат со нови провокации од Техеран или од бунтовниците Хути во Јемен, кои се поддржани од Иран, објави денеска Ројтерс, повикувајќи се на повеќе извори, пренесува Танјуг.
Според еден висок американски функционер и уште едно лице запознаено со ситуацијата, Трамп побарал мислење од саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на телефонски разговори во текот на изминатите две недели; двајцата го советувале да не започнува напади врз Иран.
