Катар им платил на Иран и на џихадисти откуп за членови на кралското семејство во износ од околу милијарда долари, објави „Фајненшал Тајмс“, истакнувајќи дека тоа ги натерало арапските држави на драматичен чекор за прекин на дипломатските односи со Доха.
Команданти на локални вооружени групации и официјални лица од регионот тврдат дека Доха оваа сума ја платила за ослободување на 26 членови на кралското семејство на Катар, кои биле киднапирани за време на лов на југот на Ирак, како и за 50 милитанти кои џихадистите ги заробиле во Сирија.
Весникот наведува дека тие пари им биле предадени на сириска милитантна група поврзана со Ал Каеда и на официјални лица од иранската служба за безбедност.
„Фајненшал Тајмс“ тврди дека киднапирањето на членовите на кралското семејство се случило во декември 2015 година, а дека трансакцијата е извршена во април оваа година.
Египет, Саудиска Арабија, Бахреин и ОАЕ, како и Малдиви објавија прекин на дипломатските односи со Катар, обвинувајќи го дека поддржува терористички организации и ја дестабилизација на ситуацијата на Блискиот Исток.
– Ако саката да знаете како Катар финансира џихадисти, не ви треба ништо повеќе од договорот за исплата на откуп за ослободуавње на киднапирани, изјави претставник на сириската опозиција, кој бил посредник во размената на заробениците со Ал Каеда во Сирија. – И, тоа не е првпат, туку еден во низата од почетокот на војната, додава тој за весникот.
„Фајненшал Тајмс“ нагласува дека околу 700 милиони долари им биле платени на Иранците и една шиитска милитантна група, која ја поддржува Техеран. Освен тоа, 200 до 300 милиони им се дадени на исламисти во Сирија, воглавно на групата Тахрир ел Шам, која е поврзана со Ал Каеда.
Според информации од ирачки шиитски групи, кои ги поддржува Техеран, Иран добил околу 400 милиони долари.
– Катар им плаќа на сите и на секого и со која цел? Само ни донесоа уништување, вели командант од сириските бунтовнички сили.