Дојче веле – Бон
Наследниците на КГБ долго време се самофалеа како „нова руска аристократија“ и имаа сериозни политички претензии. Но Путин го врати ФСБ кон традиционалните задачи на советската КГБ: шпионманија и репресии.
Во 2008, рускиот истражувачки новинар Андреј Солдатов, кој е водечки експерт во областа на руските тајни служби и основач на веб страната agentura.ru беше ангажиран од Новаја газета. Заедно со својата колешка Ирина Бороган тој продолжи одблизу да ја следи работата на руските тајни служби, а неодамна двајцата ја објавија на англиски јазик својата книга „Црвената мрежа“, која предизвика значителен медиумски интерес. Германскиот Зидојче цајтунг реобјави една статија од Солдатов, од која поважните акценти ви ги пренесуваме тука.
Според Солдатов, Федералната служба за безбедност (ФСБ) игра особена улога во Русија, Тој потсетува дека таа е директниот и најважен наследник на некогашниот Комитет за државна безбедност, познат под кратенката КГБ. Првиот руски претседател Борис Јелцин на почетокот на 90-ите години од минатиот век ја расцепка КГБ на неколку различни структури за безбедност и прво ги ограничи овластувањата на ФСБ која тогаш уште се нарекуваше Федерална служба за контраразузнавање (ФСК). Јелцин ги отстрани затворите од структурата на ФСК, ја лиши службата од правото да води самостојни иследувања и го затвори одделот за следење на политичките престапи. Според Андреј Солдатов, тогашниот претседател си ја замислил службата само како контраразузнавачка.
Со речиси безгранична власт
Но кога во средината на 90-ите започна Чеченската војна, Борис Јелцин чекор по чекор ги врати серијата овластувања на службата и ја преименува во ФСБ, потсетува авторот. „ФСБ брзо си ја поврати старата власт на КГБ и се здоби со сопствен систем од затвори, како и со правото да води истраги. При службата повторно се отвори оддел за заштита на уставниот поредок, кој во пракса беше политичка полиција“, пишува авторот и продолжува:
– Кога во 1999 стана премиер, а после и претседател, Владимир Путин наследи една служба со скоро безгранична власт, но со корумпиран и циничен персонал. Под изговор за чување на државна тајна, таа служба беше вмешана во секакви можно криминални дејствија.
Андреј Солдатов објаснува еден важен аспект од личната политика на Владимир Путин. „Путин се доверуваше единствено на луѓе кои ги познаваше и кои ги поставуваше на клучни позиции. Неговите најблиски соработници доаѓаа или од Петербург, или пак од ФСБ. Така тој ја постави ФСБ во нова улога, ја претвори во „нова аристократија“, како гласи познатата дефиниција дадена од шефот на ФСБ, Николај Патрушев. Стотици поранешни или активни службеници на ФСБ добија работа и позиции во владата, а Кремљ ги стави под своја контрола и концерните. Путин и неговите блиски го наметнаа чувството дека повеќето проблеми на Русија – ако се почне од корупцијата и се стигне до изгубената Чеченска војна и терористичките напади – се должат на одлуката на Јелцин да ги ослаби тајните служби. И дека таквата состојба треба да се смени.
Со помопш на ФСБ, Путин нареди да се снимат филмови со кои треба да се подобри имиџот на службата. Воведени беа годишни награди за најдобра книга и најдобар филм, посветени на работата на ФСБ. Така, меѓу 200 и 2010 година службата се здоби со одличен авторитет“.
Авторот накратко запира на различните политички тенденции внатре во ФСБ и продолжува:
Всушност, многумина почнаа да ја користат новата моќ, имунитетот против судски истраги или инструментот државна тајна, за лично да се збогатат. Чеченската војна и терористичките напади постепено го променија начинот по кој дејствуваше ФСБ. Меѓу одделите внатре во службата царуваше голема недоверба., се појавија и специјални казнени одреди кои истребуваа наводни терористи во Северен Кавказ. Неопходноста да се дејствува против пројавите на тероризам наложи и нови, брутални методи на распит. Се поголемата ролја на ФСБ го промени целиот политички пејсаж“.
Понатаму во својата опширна анализа, Андреј Солдатов стига до заклучокот дека таканаречената „нова аристократија“ се претворила во чувар на режимот и во извор на кадри за клучни позиции во владата и концерните. Тој потсетува и на раширеното мислење дека веселите аристократи дури имале претензии да ја преформулираат новата руска национална идеја и да ја планираат иднината на земјата. А тоа, според него, било нешто сосема ново за Русија, особено во споредба со праксата на советскиот КГБ, која на времето беше едноставно само бирократски инструмент во рацете на Комунистичката партија.
„Но тој проект пропадна. Новата аристрократија не успеа да најде никакви решенија за политичките предизвици, пред кои беше исправен Кремљ. И не само службениците на „Љубјанка“, туку и политичките советници на Путин ги формулираа решенијата на Кремљ по клучните задачи од тие години, на пример како да се реагира на таканаречените „обоени револуции“ во Грузија и Украина, или на масовните протести во Москва. Мислителите во ФСБ не успеаја да формулираат ниту некаква нова идеја за иднината на Русија. Всушност, ФСБ се покажа изненадувачки неефективна на политички план. Независно од тоа, Путин ги задржа крај себе генералите од ФСБ/КГБ и продолжи да ги слуша нивните извештаи и совети. Влијанието на ФСБ беше обемно, и не само во земјата. Службата ја имаше и задачата да ги држи отворени комуникациските канали со САД. По бомбашкиот напад во Бостон, во 2013 година, САД ја прифатија ФСБ за вистински партнер во две области: безбедноста ина интернет и антитерористичката борба Исламска држава. Дури анексијата на Крим го смени тој став на Вашингтон“, пишува Андреј Солдатов.
Понатаму авторот тврди дека сето тоа се сменило во 2016 година: „Путин прво почна постепено да ги изолира старите другари од тајните служби. Тој го извади Виктор Иванов и во МВР ја премести неговата служба за борба против наркотици. Се ослободи и од Владимир Јакунин, кој беше не само шеф на руските железници, туку имаше и претензии дека во својата лабораторија за идеи ја развива новата руска идеја. Во текот на летото, Путин го смени и Сергеј Иванов, шефот на претседателската служба. На место на службениците од ФСБ тој постепено започна да назнаљчува советници од Министерството за надворешни работи, од својата служба за обезбедување, како и млади технократи.
ФСБ почна да губи значење и на меѓународна сцена. По хакерскиот напад врз Демократската партија во САД, тамошните тајни служби ги обвинија руските служби, а ФСБ беше посочена како една од двете осомничени институции кои после беа санкционирани. Шефот на ФСБ, Александар Бортников, всушност не беше опфатен од санкциите за разлика од неговите од руското воено разузнавање“.
На крајот на својата анализа, Андреј Солдатов пишува дека се уште не е јасно како ќе се развиваат односите под управувањето на новиот американски претседател Доналд Трамп. Според авторот, идејата за „новата аристократија“ веќе не е актуелна, а Владимир Путин очигледно и нашол нова улога на ФСБ.
„Уште во 2016, рускиот претседател ги повика ФСБ да ловат шпиони во Русија. Десетици руски граѓани беа обвинети дека работат за Западот или за Украина. Освен тоа, службата беше натоварена со задачата да врши притисок врз високи претставници, а тој список вклучуваше дури и губернатори и министри. Истите задачи на времето беа централни и за КГБ. Бољшевичката шпиономанија служеше за заплашување на населението, а репресиите во шах ги држеа елитите. По цели 17 години на власт, Путин очигледно сеуште не може да ги скроти заветите на советскиот КГБ“, пишува на крајот на статијата истражувачкиот новинар Андреј Солдатов.